Осум години од терористичкиот напад во кумановско „Диво Насеље“

Денеска, во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово, во организација на група бранители од Куманово, ќе се одржи панихида во чест на осумте загинати припадници на безбедносните сили кои пред осум години загинаа во оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“. Панихидата е во чест на Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст.

Во акцијата, која се водеше два дена и со улични борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово беа повредени уште 37 други полицајци. Полициска акција за разбивање на вооружена терористичка група започна рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9 мај при што силно ги вознемири кумановци, како и целата македонска јавност, која беше информирана во детали за текот на акцијата. Граѓаните и наредниот ден слушаа рафали, се гледаше црн чад, градот го надлетуваа хеликоптери. Престрелките со различен интензитет траеја 28 часа.

Акцијата заврши со целосно неутрализирање и елиминирање на терористичката група, од која дел ѝ се предале на македонските власти уште во текот на вечерта во саботата на 9 мај. На страната на терористите, на лице место беа пронајдени 14 мртви тела во униформи.

По повод на годишнината министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се огласи на социјалните мрежи.

-Во мое Куманово, и во целата земја, сите бевме во неизвесност од вооружениот напад во кој животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава. Хероите живеат вечно! Никогаш да не се повтори!, објави Спасовски.

Министерот посочи дека судските архиви сведочат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“, така што овој крајно вознемирувачки и трагичен настан засекогаш ќе остане во колективната меморија на кумановци како голема траума, а граѓаните од целата држава ќе паметат дека нарачателите не ја остварија својата цел да ја одржат неизвесноста во која режимот ги држеше во заложништво државата и граѓаните.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Јавното обвинителство на Република Македонија покрена постапка за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“. Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда. Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско „Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор. На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Претходна вестСо „Набуко“ вечерва се отвора 51. издание на Мајски оперски вечери
Следна вестБлизу 50.000 денари месечно му се потребни на едно семејство за да преживее