Судскиот совет ги избрка камерите од седницата, ги деконцентрирале членовите

Новинарите може да останат но камерите не! Ова била прва одлука којашто на почетокот на денешната седница на Судскиот совет ја соопштил новоизбраниот претседател на ова тело Сашко Георгиев. Тој објасни дека така претходно едногласно решил Колегиумот на Судскиот совет од причина што присуството на телевизиските камери на медиумите ги „деконцентрирале членовите на Советот“.

– Ќе потенцирам во делот на јавноста, јавноста ќе биде присутна, но камерите само ќе бидат оставени уште минута до две, да го завршат својот прилог за снимање, а потоа камерите ќе мора да ја напуштат седницата. Јавноста останува да биде присутна, а камерите доволно е да бидат присутни само мал дел, а потоа нема потреба. Вие сте присутни. Условите ни се такви дека тоа е најцелисходно, не е тоа нетранспарентно, но е потребно за условите за работа. Ни треба концентрација, вака не можеме да работиме, рече Георгиев на почетокот на седницата.

Весна Дамева, којашто неодамна беше разрешена на скандалозен начин од функцијата претседател, се спротивстави најпрво на ваквата одлука,  но потоа се согласи „ако така решило мнозинството“, нагласувајќи дека не знаела зашто не била повикана на колегиумот.

По неа, поранешната претседателка Павлина Црвенковска изнесе предлог да остане само една камера и од неа да добијат снимки сите телевизии. Предлогот беше да остане камерата на новинската агенција МИА, иако нивната камера не е телевизиска и иако Судскиот совет не знае дали агенцијата воопшто има намера да снима или дали е во можност да ја снима целата седница.

На крајот, на седницата останаа само новинарите.

Ваква непопуларна мерка против медиумите беше донесена во 2016 година од тогашната претседателка Елена Гошева, под истото образложение – дека се губела концентрација во работата. Подоцна под притисок на јавноста беше повлечена ваквата одлука која значи нетранспрарентност во работењето.

Претходна вестПронајден хероин и странски возачки дозволи, уапсени двајца тетовци
Следна вестПукање во скопско Батинци, еден застрелан и еден уапсен