Во животот нема некое конкретно мото кое ја води, но секогаш е упорна, снаодлива, работите ги гледа од позитивна страна. Во натпреварувањата сака да извојува победа, а поразите не ја разочаруваат туку и служат како поттик да биде подобра следниот пат. Вака себе си се опишува 18-годишната Анастасија Накова, која на крајот на неодамна завршената учебна година е прогласена за првенец на генерацијата во средното училиште „Димитар Влахов“. Таа ја завршила насоката за козметичарски техничар откако самата се определила за козметика која секогаш ја интересирала. Знаењата, талентот, сестраноста многу брзо излегле на површина и се покажувале во сите четири години од школувањето.
–Мојата цел не беше да бидам првенец на генерацијата. Едноставно бев примерен и одличен ученик, бев одговорна, секогаш посветена на дадената задача, бев отворена за активности во училиштето, за натпревари, проекти и слично. Сето тоа на моменти изгледаше и здодевно или за мене премногу, помислував и дека можеби треба да си дадам време за себе, но секогаш успевав да направам некој баланс помеѓу моите обврски за училиштето и се друго, ни вели Анастасија.
Но, она што ова првенка посебно го потенцира е потребата да се препознае некоја надареност кај младите луѓе.
–Секој од нас има некој внатрешен талент во себе, и тоа е добро да се открие порано. Во ова можат да влијаат и професорите секако. Кај мене се случи да професорите ми помогнат да се пронајдам себе и она кое всушност ме интересира. Мислам и дека после извесно време и самите дознаваме што всушност не интересира, а што не, вели таа.
За неа е специфично што е успешна на повеќе различни полиња и за што добивала признанија. Лани освоила прво место во категорија најдобра фотографија на,,Образовно рандеву”, со својот тим влегла во последен круг од натпреварот ,,Предизвик за млади истражувачи” во сезоната 2018-2019 година, освоиле екипна трета награда за модна ревија на „Образовно рандеву” пред две години и втора за најдобар штанд, прво место на ланскиот „Камп на иновации“… За македонско образование, вели, дека му е потребно повеќе практичната настава за учениците а помалку теорија.
Сега е пред нов предизвик, врзан за продолжувањето на школувањето.
– Одлучив моето образование да го продолжам надвор од Македонија. Поточно, во Словенија во областа на медицината. Во овие четири години се пронајдов самата себе и сфатив всушност што ме интересира. Декоративната козметика не е моја слаба страна, но затоа медицинската козметика е нешто што ми привлече најмногу внимание, па затоа одлучив да продолжам во областа на медицината, ни најави Анастасија.
Незаборавно волонтирање на Детската клиника
-Еден проект секогаш ќе ми остане посебен, тој за поттикнување на општествена одговорност кај младите преку волонтирање. Волонтиравме во Универзитетската клиника за детски болести т.е педијатрија и морам да признаам дека тоа беше едно одлично искуство за мене. Многу ми е мило што бев таму со тие дечиња. Детските насмевки ми се најдрагоцена награда и тоа не можам да го споредам со никоја друга награда, вели Анастасија.