Совет за безбедност: Не чека тешка зима, направен е планот за да нема рестрикции на струјата

Не очекува тешка зима и месеците се до пролет ќе бидат најтешки во повоената македонска држава но ресурсите во државата се подготвуваат за производство на доволно енергија, оценка е на членовите на Советот за безбедност по седницата одржана во Кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски. Во изјавата по седницата премиерот Димитар Ковачевски рече дека е направен план за да  нема рестрикции во следниот период.

-Да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално производство на сопствена енергија, ќе биде целта на Владата во претстојниот период, рече Ковачевски.

Како што рече Ковачевски, ова е одлуката од денешната седница на Советот што ја поддржале сите присутни, а целта е во најтешкиот период кој почнува на 1 октовмри и ќе трае до април 2023 година па и понатаму, до почетокот на летото, на сите граѓани, ученици, студенти, средни, мали и микро бизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата, како и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена со задржување на евтината тарифа и 24-часовна достапност.

Тој потенцираше дека е обезбеден јаглен за РЕК Битола  и РЕК Осломеј, мазут за ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Битола, како и дизел гориво и дополнителна електрична енергија. Тоа го разговарал изминатите месеци со државниците со кои се среќавал, како и деновиве во Белград и Софија.

-Ќе го зголемиме домашното производство за 25 проценти и ќе ја субвенционираме цената на струјата за граѓаните. Ќе го вклучиме третиот блок на РЕК Битола, вториот котел на ТЕЦ Неготино, гасната централа ТЕ-ТО во Скопје, сите хидроцентрали како и обновливи извори на електрична енергија, соларни, на ветер и вода, за да може на граѓаните и на малите бизниси од први октомври до 1 април да им обезбедиме најниска цена на електричната енергија, ќе ја задржиме евтината струја, а на средните и големите бизниси ќе обезбедиме електрична енергија по пониски цени од берзинските кои пак постојано растат, рече Ковачевски.

Тој вети дека за 55.000 домаќинства во Скопје се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија со преземањето на БЕГ од страна на ЕСМ како и дека ќе нема рестрикции во снабдувањето со струја и парно греење.

Премиерот апелираше да се престане со копањето на криптовалути, процес кој троши многу струја која пак е субвенционирана.

Претходно, претседателот на државата Стево Пендаровски нагласи дека го свикал Советот за безбедност зашто сметал дека е важно да се слушнат сите надлежни за темата што ги засега сите.

-Не е тајна дека не очекува тешка зима. По пандемијата сега сме соочени со голема енергетска и економска криза. Премиерот и членовите на Владата информираа за анализите и проекциите за претстојната сеозна, за чекорите кои досега се преземаа во однос на ескалирањето на цената на струјата, како и за мерките што ќе се поддржат за поддршка на домаќинствата и бизнис секторот, рече Пендаровски.

Седницата се одржа во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, а на неа покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, координацијата на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и министрите за финансии, Фатмир Бесими и за економија, Крешник Бектеши.

 

Претходна вестОд каде му е оптимизмот на Ковачевски дека 2030 година ќе влеземе во ЕУ?
Следна вестНови 179 случаи на Ковид-19, секој трет реинфекција