Станаа специјалисти за недореченост: Пописот почна или се одложува?

Почна ли или ќе се одложи пописот на населението? Тоа е дилемата која треба да се расчисти денеска во македонскиот парламент околу прашањето дали ќе се одржи седница за одложување на пребројувањето на населението. Обидот таа да се одржи вчера беше неуспешен, а денеска ќе се направи нов обид да се донесе такавата одлука. Формално, пописот е започнат денеска и треба да трае до 20-ти април.

Спикерот на парламентот Талат Џафери вчера попладне информира дека „нема услови да почне постапката за измена на Законот за попис“. Против одржување седницата бил координаторот на пратеничката група Алијанса за Албанците/ Алтернатива зашто сметал дека одложувањето на пописот за септември не е поради актуелната здравствена состојба, туку дека станува збор за политичка одлука.

Овие две партии како еден од условите го поставуваат и прашањето на давање на државјанства на лицата кои сега го немаат. За таа цел вчера беше одржана средна на премиерот Зоран Заев и коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива. На средбата било договорено да се утврди колку лица се без државјанство, па потоа да се бара заедничко решение за Законот за државјанства, што двете албански опозициски партии го отворија и бараат доделување државјанство со сведоци. Според изјавата на Заев, средбата била конструктивна, но без било какви постигнати конкретни заклучоци.

Од Државниот завод за статистика кој е надлежен за спроведување на пописот изјавија дека немаат коментар дали треба да се одржи или одложи пописот се додека не се заврши постапката во Собранието. Министерот за правда, пак, Бојан Маричиќ вели дека пописот, според постојниот Закон, треба да почне денеска и доколку попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.

-Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои активности и да бидат преземени тие ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности тоа ќе значи дека тие податоци ќе важат исто како што важат тие за дијаспората досега, рече вчера Маричиќ.

И така, важните политички дилеми и решенија во Македонија се решаваат многу, многу доцна, што секако предизвикува разочарување, но и хаос. И за тоа ама баш ниту еден политичар нема гајле, секогаш вината ја префрла на друг.

Претходна вестЛев: Разочарани сме, не најдовме начин да ја разбиеме одбраната на Македонците
Следна вестОграбил двајца таксисти во Скопје ставајќи им нож под грло