Длабок наклон: 152 години од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев

Во Македонија денеска се одбележуваат 152 години од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев. Визионерот, учител… кој животот го даде за слободата на Македонија и Македонците. Човек кој воедно пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите за разлика од денешниве светски „визионери“.

Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, повеќе делегации ќе положат цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Како што е најавено, цвеќе ќе положат и државни функционери. Некои може, пак, како и до сега, само преку Фејсбук ќе споменат некоја пригодна реченица колку да пројде редот…

На местото на неговото вечно почивалиште ќе има и граѓани кои како и многупати до сега – со длабок наклон ќе изразат благодарност за се што Делчев направи за идните (сегашните) македонски генерации.

Да потсетиме што великанот беседеше пред години и години:

-Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.

-Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.

-Тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците.     

-Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…

-Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.

Се потсетуваат ли на ова македонските политичари? Ќе ги има ли овие работи во учебници по предметот историја кој нели требало да се реформираат?

Инаку, Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Претходна вестЗемјотрес во Грција
Следна вестНад 1.700 повици на бројот за итни случаи 112 за едно деноноќие