Трчам, тренирам и сонувам за освојување на златен олимписки медал

Во атлетиката е важна менталната подготовка и самодовербата од причина што резултатот додека сте на атлетската патека зависи само од вас самите, објаснува 14-годишниот Максим

 Атлетика се смета за кралица на спортовите. Таа е место за најдобрите, најупорните, најпосветените. Македонија се уште чека на врвни резултати во некоја од атлетските дисциплини. Надежите се во младите генерации кои вежбат, се натпреваруваат… Атлетскиот клуб „Работнички“ е еден од таквите расадници на таленти, а во него својот атлетски талент се повеќе го покажува и докажува 14-годишниот Максим Илиевски, ученик во 9-то одделение во ОУ „Вера Сиривири-Трена“ во скопски Карпош. На неодамнешниот меѓународен атлетски натпревар во Бугарија, во силна конкуренција, Максим го освои второто место во трката на 800 метри со време 2:33.64. Успехот е дотолку поголем што тоа беше негово прво учество на некој меѓународен атлетски натпревар.

-Го сакам спортот и поради мојот натпреварувачки дух. Почнав со пливање, со фудбал, кошарка, но сега и припаѓам на атлетиката. Големета посветеност на тренерот по атлетика Божурка Ѓошевска, нејзината добра работа со сестра ми која исто така вежба, беа решавачки и јас да почнам со атлетиката. Првично се натпреварував на кратки патеки, но сега сме определени да трчам 800 метри како главна дисциплина и 400 како споредна, ни вели Максим.

Се разбира, посветеноста и тренинзите ги дадоа резултатите – освои прво место во крос-трчање на 2 километра, прво место во 4х100 метри, второ место во скок во височина, трето место во трка на 800 метри со повозрасни учесници што е одличен резултат…

-Само талентот не е доволен за успех. Многубројните примери покажуваат дека упорната работа, дисциплината, спортските навики…, се фактори кои сигурно ве водат кон успех. Во атлетиката е важна менталната подготовка и самодовербата од причина што резултатот додека сте на атлетската патека зависи само од вас самите, ми објаснува Максим.

Вели дека узор му е Усеин Болт, најмногу поради тоа што неговата посветеност, талент, но пред се упорноста.

– Верувам дека еден ден ќе постигнам некој вреден спортски успех. Сонувам и верувам во освојување на златен олимписки медал, во освоен медал на европско и светско првенство, во достојна презентација на мојот народ и држава, ни најавува Максим.

Желба за пилотска кабина

-Желба ми е, исто така, покрај успешен атлетичар еден ден да бидам успешен пилот на патнички авион. Ги сакам предметите математика, физика и англискиот јазик. По завршувањето на средното образование сакам да продолжам на некоја од пилотските академии. Па така, ќе направам се што можам да бидеме земја која ќе има и успешен пилот и освојувач на олимписко злато на атлетските патеки, ни ветува овој атлетски талент.

Претходна вестМагдинчев: Изборот на 6 – 7 играчи во ракометната репрезентација беше погрешен
Следна вестВремето денеска сончево со мала облачност