Треба на Македонија да ѝ даваме и да ја надградуваме, а не да ѝ одземаме

Како сѐ уште современата генерација Македонци да не успеваат целосно да се откорнат од туѓото стекнато подаништво, потенцира Илија Велев

За професорот д-р Илија Велев, медиевист и византолог во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најважно е Македонија да се зачува како национална држава.

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат:

о потсвеста и во свеста ја имам истата слика за мојата интимно стекната и доживеана Татковина: земјата во која домородно живееле моите претци и во која домољубиво ја остварувам личната животна врвица на македонски интелектуалец. Таа е мојата земја со исконско име Македонија, запишано уште на теракотните и камените плочи, како и по пергаментните страници во Светото Писмо на мноштво светски јазици и писма. Свеста за Македонија е пренесувана преку колективната меморија низ симбиозите при промените на глобалните цивилизации и преку Светиклиментовата афирмација на словенската духовна и културолошка самопотврда пренесена кај современите Македонци, за посебно национално македонско себепрепознавање во словенскиот колективитет – заедно со другите словенски народи.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

 Како сѐ уште современата генерација Македонци да не успеваат целосно да се откорнат од туѓото стекнато подаништво. Живееме во современа македонска држава, а преку сопствените академски, научни, културни и политички институции не успеваме (а и доволно не правиме) за да ги афирмираме националните традиции како наш автентичен културен влог во актуелната интеграција меѓу народите. Ќе признаеме дека тоа се многу повеќе од 2-3 национални и државни грешки на современите Македонци.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

Никој не е достоен самиот да оценува дали и колку се посветил да ѝ се оддолжи на својата земја. За мене е поважно секој од нас Македонците почесто да се свртуваме кон себе: каде евентуално лично грешиме преку сопствените суети и комформизам, а и колку самите можеме да се посветиме да придонесеме за просперитетот на Татковината. Крајно е малодушно, невешто и е малициозно само да се критикува – а притоа да се одбегнува да се презема лична одговорност.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

Се гордеам што по раѓање и по живеење токму Македонија е мојата земја- Татковина. Препознавана низ целиот свет како древна земја, од чија историја проникнала цивилизациската идеја за глобализацијата: да се почитуваат народите со различностите и со сличностите.

 Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

Она што нам лично би ни недостасувало во Македонија, треба Македонците едни со други солидарно да си го надополнуваме – во националното единство. Треба да се трудиме на сопствената држава да ѝ даваме и да ја надградуваме, а не да ѝ одземаме.

 Во каква Македонија сакате да живеете?

 Живееме во време кога македонската национална стратегија политички и државно ни е импотентна. Сакам мојата генерација да ја зачува Македонија како национална држава, зашто сите историски искуства на Балканот сведочат дека народ кој нема национална држава – е осуден на асимилација, или на раселување. Секако и како таков, би бил заборавен засекогаш.

 Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно ѝ даваат на државата?

Тоа е политичко прашање и очекувам самите „државници“ во Македонија да си го одговорат Себеси, колку што им дозволува изгубената совест и свест. За жал, оние наши колеги кои не успееја да се реализираат во сопствените професии се приклонуваат кон партиско групирање – а што е потрагично, токму Тие ги нудат стандардот и вредностите и го навикнуваат македонскиот народ да се задоволува со просечности.

Претходна вестКазни за 93 возачи, седумина поминале на црвено светло
Следна вестГрковска: Јовески не треба да биде уставен судија