Треба само да почекаме: И Фон дер Лајен најави инвестиции од милијарди евра за Западен Балкан

Европската комисија преку Урсула фон дер Лајен денеска повторно упати една од периодично дадените убави пораки за земјите од Западен Балкан. Ќе ни стасале инвестиции со големи износи.

Таа во својот говор на 17. Меѓународен стратешки форум во Блед најави дека Европска комисија планира да инвестира девет милијарди евра во економиите на Западен Балкан. И не само тоа, туку ќе се привлекуваат 20 милијарди евра приватни инвестиции во регионот.

– Нашите пријатели од Западен Балкан отсекогаш биле дел од европското семејство, нашите врски се зајакнати со вековната трговија и патувања, истакна Лајен.

Каде ли ќе ни биде крајот после овие инвестиции нам на жителите од т.н. Западен Балкан? За очекување е дека потоа се ќе тргне на многу подобро и забрзано ќе влеземе во ЕУ друштвото.

Сепак, таа призна дека изминатите години напредокот во интегративниот процес на балканските земји во ЕУ е бавен. Според неа, причината за тоа не се толку несогласувањата помеѓу земјите-членки на ЕУ, туку интервенцијата на странски играчи, меѓу кои и Русија, која, според неа, има за цел да го забави градењето на демократските институции.

Дали е токму така, сигурно, најдобро може да кажат земјите од регионот. Македонија, на пример, би можела да објасни колку интервенцијата на странски играчи била причина за речиси тридеценскиот спор околу името на нашата земја со Грција кој ни ја блокира евроатлантската интеграција. Или, што е причината за блокадите кои што во изминатиов период ги ставаше Бугарија, а кои, извесно, нема да запрат и во иднина во преговарачкиот процес на Македонија за членство во ЕУ? Дури и македонскиот претседател Стево Пендаровски во неколку наврати јавно изјавуваше дека е разочаран од односот на ЕУ, од нејзините двојни стандарди, дека имиџот на ЕУ е разнишан… На почетокот на годината Пендаровски предупреди и за тоа дека нема напредок ниту во однос на проектите најавени за поддршка од ЕУ по пандемијата на Ковид-19…

Од Брисел за вложување во Западен Балкан ни зборуваа и минатата година и дека тие земји може да сметаат на инвестиции од Европската унија. Исто како што и пред две години се изјавуваше дека регионот на Западен Балкан е апсолутен приоритет за Европската унија и Европската комисија и дека е предвидена финансиска помош.

Но, сега ете, доаѓа ново ветување од Фон дер Лајен за финансиска помош и инвестиции. Може овој пат се ќе тргне како што треба.

Да почекаме, како и за „датумот“.

Претходна вестКој и зошто го претепа капетанот на пристаништа на Македонија, Устијаноски?
Следна вестИзвештај на ДЗСИ за трагичниот крај на 25- годишното момче од Берово: И покрај сите преземени мерки согласно протокол кај пациентот настапува смрт