Угостителите незадоволни од предложените мерки: Состанокот со Комисијата беше фарса

Ниту едно од нашите барања не беше разгледано и решението за намалување на работното време беше донесено предвреме и овој состанок со Комисијата беше фарса, реагираа денеска од Независната угостителска комора. По седницата на Комисијата за заразни болести на која присуствуваа и нивни претставници од НУК оценуваат дека се крајно разочарани од главната мерка да можат да работат само до 18 часот во периодот од 18 декември до 21 јануари. Барањето на оваа асоцијација беше да им се дозволи за Нова Година да се работи до 1 часот со почитување на протоколите во угостителските објекти

-Денеска само бевме информирани дека ќе работиме до 18 часот. Нашите барања беа отфрлени ад хок, бидејќи решението за денешното ограничување на угостителските објекти беше донесено пред време. Денес беше фарса пред јавноста и Комората за на некој начин да се укаже дека одлуките што ги наумиле ќе ги носат без оглед на реалноста и ефектите кои тие ќе ги предизвика. Од наша страна беше напоменето дека ниеден објект кој ги почитува мерките не е извор на ширење на заразата. Прашавме дали има доказ дека се проширила заразата во некој угостителски објект, ни беше укажано дека такви резултати нема.Трагедијата е што во било која препорака се однесува исклучиво на угостителските објекти, а ингеренциите на државниот инспекторат толку се зголемени што секој којшто ќе се обиде да се коцка и да не почитува мерки ќе биде веднаш казнет, изјави Здравко Јосифовски од НУК.

Од НУК изјавуваат дека ќе ги почитуваат мерките, но очекуваат дополнителна финансиска помош на угостителите.

-Владата треба да размисли на кој начин ќе ги надомести штетите од овие лимитирања на работата. Субвенциите претходно беа доделени и угостителите се нафатија да ги преземат обврските врз основ на постојните протоколи кои важеа. Со новите мерки се прашуваме, обврската која што е пренесена на корисниците на таа субвенција дека мора да исплаќаат плати во јануари и февруари, врз основ на што и на кој начин ќе ги остварат тие можности да можат ги исплатат платите, кога и сега не остваруваат доволно приходи?, праша Јосифовски.

 

Претходна вестИмаме неверојатни природни богатства, но силувани се
Следна вестПоскапуваат бензините