Васил Главинов уште во 1895 година порачуваше: Сакаме Македонија да биде за Македонците

Во весникот „Револуција” кој го покренал во 1895 година, како прво македонско социјалистичко гласило ги објавил и овие негови мисли: „Македонија не припаѓа, ниту на Бугарите, ниту на Србите, ниту на Грците, а си припаѓа сама на себе.., Ние сакаме Македонија да биде за Македонците…“

Ваквите јасни заложби и повици за ослободување на Македонија и создавање на независна македонска Република доаѓаа од тогаш 26-годишниот велешанец Васил Главинов кој во македонската историја е запишан како еден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија. Тоа е перидод кога Главинов со својата група истомисленици го издава уште и весникот „Политическа свобода“ се со цел идејата за ослободување на Македонија што повеќе да се прошири меѓу народот.

Се навраќаме на овој голем Македонец оти на денешен ден (24 јануари) во 1929 година тој починува. Инаку, Васил Костов Главинов, е роден во Велес во 1869 година, каде го научил столарско-дрводелскиот занает.

Во 1893 година во Бугарија ја формирал самостојната македонска социјалдемократска група, со цел да ја шири социјалистичката идеологија меѓу македонските печалбари ѝ во Македонија. Во неа членувале и Веле Марков, Никола Петров – Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и уште некои македонски печалбари и револуционери.

Обидот на Главинов Групата да прерасне во Македонска партија, не наиде на подршка кај бугарските социјалисти кои го прогласуваат за сепаратист. Прогонуван од бугарските социјалисти во 1894 година се вратил во Велес каде го формирал првото работничко културно просветно друштво во Македонија. А заложбите на оваа група одеа кон поттикнуавње на борбата на македонскиот народ за слобода при што, како што зборуваше Главинов, „младите сили, проникнати од принципите на револуционерниот социјализам ќе внесат нови елементи во ослободителната борба“.

-Како што рековме и во нашата покана, нашата парола ќе биде: „Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“, пишуваше Главинов во весникот „Револуција“.

Инспириран од блескавиот пример на борбата за ослободување на Ерменија,  Главинов и неговите социјалисти ќе потенцираат дека „Само измачениот и потиснат Македонец, кој ја почуствувал сета тежина, неподносливата грубост на турскиот вандализам, само тој е компетентен да го бара соодветниот лек. Додека Македонците не се кренат сите до еден, никој нема да се заинтересира за нив“. Освен ова, Главинов и неговите македонските револуционери – социјалисти во Програмата објавена во весникот „Политическа свобода“, од 1898 година,  порачуваат дека „народниот суверенитет“ би бил само пуста желба, доколку се прифати политичката автономија на Македонија под суверенство на турскиот султан и затоа бара одделување и целосна независност на Македонија во политичка, финансиска, административна или било која друга смисла.

По крвавото задушување на Илинденското востание, Главинов во Бугарија се обидува да ги пополни и зацврсти разнишаните позиции на социјалистичката револуционерна група и во зимата 1904 година ќе се формира македонско-одринска социјалдемократска револуционерна група во која влегуваат низа истакнати револуционери. По младотурската револуција во 1908 година, пак, се создадоа легални услови за дејствување на најразлични организации и партии во Отоманската држава. Во овој период Главинов ја засилува својата активност и во 1909 година станува одговорен уредник на новиот весник „Работническа искра“, кој ги штити работничките интереси во Турција. Разоткривајќи ги завојувачките аспирации на балканските држави, тој бурно реагира на различни настани кои се случуваат во и околу Македонија.

Претходна вестСтабилна е состојбата со сезонскиот грип, пикот се очекува на крајот на февруари
Следна вестАЦВ подготви 11 задолжителни мерки за М-НАВ, прекршочни платни налози за фирма и лица…