Вештакот тврди дека модуларните болници биле изградени според барањата на  Светската банка

Утврдивме дека модуларните болници се изведени согласно проектната задача на Светска банка, изјави денеска вештакот Влатко Стоилков на продолжението на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница пред две години. Судењето за пожарот во кој загинаа 14 лица денеска продолжи со  сослушување нови сведоци предложени од Обвинителството и од одбраната на обвинетите. Сослушани беа универзитетските професори Влатко Стоилков и Владимир Димчев од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Тие во предистражната постапка изработиле вешт наод и мислење во писмена форма за тоа дали модуларните болница биле изградени според проектната задача согласно барањата на договорниот орган.

Обвинителот побара професорот Стоилков да објасни каква инсталација за електрична енергија имала модуларната болница во внатрешноста.

-По однос на внатрешната инсталација за жал не можевме да извршиме увид во самата болница бидејќи, како што знаете таа беше целосно опожарена. Затоа направивме увид во две други модуларни болница од ист тип во Гостивари и Кавадарци. Извршивме проверка дали вградената опрема квалитативно и квалитативно одговора на проектната задача. Утврдивме дека модуларните болници се изведени согласно проектната задача на Светска банка, обврска на договорниот орган, истакна професорот Стоилков.

Еден од адвокатите на одбраната го праша сведокот дали при изготвување на наодот извршиле увид на самото место во Тетово, на што професорот одговори потврдно.

Сведочеа и медицинските сестри Даниела Симјановска и Фљутурије Ислами. На прашањето од адвокатите дали имало противпожарен апарат во модуларната болница Симјановска рече дека имало во работната соба. Медицинската сестра Ислами на истото прашање рече дека мисли дека имало таков апарат.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Инаку, неколку десетици граѓани денеска повторно се собраа пред зградата на Основен суд Тетово за да дадат поддршка на д-р Бобан Вучевски, еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Додека Артан Груби е Вицепремиер, брат му Ветон добива тендери од 1 милион денари
Следна вестВлада Урошевиќ лауреат на „Златен венец„ на Струшките вечери на поезијата