„Вилицата на Ибен Бајерс“ утревечер во Македонската опера и балет

Во Македонската опера и балет, на 7 ноември 2023 година со почеток во 20:00 часот, ќе може да ја погледнете претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ по текст на Филип Грујиќ, а во режија на Борис Василески.

– Вилицата на Ибен Бајерс“ сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток.

Со секој наелектризиран момент, претставата го сплетува возбудливото искачување на Ибен, неговите извонредни триумфи и темнината што се крие зад неговата навидум непобедлива аура.

Општествениот коментар на делото се зајакнува уште повеќе со појавата на „Radium Girls“ кои паралелно со приказната на Ибен, ја раскажуваат и својата приказна обоена во црно од зелениот еликсир.

Вилицата на Ибен Бајерс“ е застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија кои даваат одговор на многу навидум едноставни но сепак комплексни човекови дилеми.

Актерската екипа:
Марјан Наумов,
Гоце Андонов
Благојчо Стојанов
Ава Хусеини
Томислав Давидовски
Катерина Јовановиќ/Ања Митиќ
Ана Грамосли/Нина Елзесер
Јанка Лефкова.

Продуцент на претставата е Андреа Маркоска, драматург Стефан Миленков, костимографијата е на Марта Дојчиновска, сценографијата е на Ненад Тонкин и музиката е на Сашко Костов.

Претходна вестИДФ: Градот Газа е опколен, стигнавме до морето
Следна вестУбаво: Хор стар 170 години го исполни Соборниот храм во Скопје со духовна музика