Високите цени ја дерат кожата на граѓаните, власта најави заштита, ама…

Секој ден со страв влегувам во продавница. Ова ни го рече денеска постара жена во маркет во скопски Аеродром.

-Пет, осум, десет… денари повеќе од претходната цена, тоа е глетката која често ја гледам во продавниците кои морам да ги шетам за да споредувам цени, ни вели таа.

Новите цени се впишуваат најчесто на оние производи кои семејствата и најчесто ги користат – млекото, јогуртот, сирењата, кашкавалите, лебот, месото… Колку од овие поскапувања се оправдани? Ќе преземе ли нешто власта за да ги контролира работите?

Надлежните неодамна објавија дека во периодот од јануари до септември годинава просечната стапка на инфлација во Македонија била 12,4 проценти. Меѓутоа, цените кои постојано одат нагоре како да го демантираат овој официјален податок и укажуваат дека стапката е многу поголема. Но, основното прашање е: кои се причините за ваков драстичен раст на цените на основните животни намирници? Дали причините се во светската економска криза или, пак, на тоа треба да се додаде и профитерството на некои производители и трговци?

Неодамна на виделина излезе податок дека млекото се откупува од производителите по околу 20 денари за литар, а потоа во маркетите се продава и над 80 денари!? Надлежните досега не објаснија на што се должи тоа, дали на високите трошоци на преработувачите кои го откупуваат и преработуваат млекото или високите маржи при продажбата?

Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи пред неколку недели објаснувајќи ја состојбата со покачувањето на цените на одредени прехранбени производи, особено млекото и млечните производи, посочи дека ќе бара донесување на Закон против воено профитерство во време на криза, како заштита од бранот поскапувања. Тогаш кажа дека и во период на криза некој не се однесува разумно како што треба.

-Во Собрание има е закон за етичко однесување на пазарот, а додека бараме кризна состојба за енергетика повикав ако пратениците се согласат, да направат закон против профитирање во време на криза, кој се нарекува закон за воено профитерство. Слободно нека го направат јас ќе одам одма да го бранам зошто мора да има ред во општетсвото, рече Битиќи.

Тој тогаш најави и дека Пазарната инспекција ќе проверува кај трговците на мало и големо дали тие се придржуваат до мерката за ограничени маржи. Но, помина веќе подолго време, а јавноста не дозна ништо, ниту дали се подготвува законот против воено профитерство, ниту што откри Пазарната инспекција при контролите.

-Народот е оставен без никаква заштита околу цените. Кој сака му ја дере кожата, некогаш трговците, некогаш производителите, некогаш самата власт…, прокоментира жената во маркетот.

 

Претходна вестПрегласна музика им донесе казни на 4 локали во Центар
Следна вестБегал од полиција со мотор па ја фрлил торбата со марихуана во Вардар