Прегласна музика им донесе казни на 4 локали во Центар

Поради прегласна музика во ноќни казни изречени се санкции на четири локали на подрачјето на општина Центар.

-Санкционирани се кафе баровите: Мош, Интермецо, Мечос и Локал 45 со казни за надминување на бучава во ноќните часови, со глоби во висина од 360.000 до 800.000 денари, информира денеска Општина Центар.

Секторот за Инспекциски работи на Општина Центар во периодот од мај до септември спроведувал акции за мерење на бучавата од гласна музика. Засилените акциски контроли се реализира по зголемениот број на пријави од граѓани за гласна музика од угостителските објекти, во ноќните часови, а особено за време на летниот период. Акциските контроли се одвивале исто така во ноќните часови, односно по 23 часот, во Капиштец, Дебар маало, Буњаковец, улица Македонија и Кеј 13 Ноември. Локалите се опоменати да ги почитуваат граничните вредности за бучава во животната средина.

За сите локали се започнати инспекциски постапки, согласно Законот за бучава во животна средина, при што правните лица се задолжени со Решенија да преземат мерки во одреден рок, за намалување на бучавата. Доколку правните лица не ја платат глобата, се поведува постапка во Основен суд.

-Мерењата се извршени од овластена лабораторија за животна средина и мерење на ниво на бучава, со која општината има склучен договор. Согласно извештаите од мерењата на бучава предизвикана од гласна музика, измерените вредности во сите случаи ги надминуваат дозволените гранични вредности, согласно „Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животна средина“. Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да го почитуваат Законот за заштита од бучава во животната средина, се наведува во соопштението.

Претходна вестОсмани и Ковачевски какво заедништво бараат од сите во Македонија?
Следна вестВисоките цени ја дерат кожата на граѓаните, власта најави заштита, ама…