Османи и Ковачевски какво заедништво бараат од сите во Македонија?

На секои дваесетина дена некој од македонската власт повикува на обединување. Им стана навика кога е празник или кога нешто во Македонија ќе подзакочи, или кога тешко може да тераат сами како што сакаат, тогаш главните државни функционери повикаат на обединување на сите во земјата.

Овој пат тоа го направи министерот Бујар Османи кој потребата од обединување го нарече нов рамковен договор меѓу сите политички партии со цел Македонија да тргне напред кон ЕУ.

-Ние мора да си подадеме рака, помеѓу власта и опозицијата, истакна министерот.

Убаво е кажаното од Османи, на Македонија и е нужно заедништво и околу други важни прашања. Но, колку тоа е изводливо? Колку до сега владата на СДСМ и ДУИ правела атмосфера во Македонија за да дојде до заедништво на политичките партии за идеи како до подобро утре? Што до сега власта прифати од мислењето на опозицијата за да сега биде лесно постигнувањето заедништво со неа? Само власта ли ќе бира околу што и треба заедништво?

Можно ли е да дојде до обединување ако во едни пригоди власта повикува на заедништво, а во други кажува: „ние имаме концепт за добра иднина, другите немаат концепт“ или „им нема спас на сите што не ги разбрале нашите ставови“?

Време е Пендаровски, Ковачевски, Османи… да расчистат што сеат, а што сакаат да жнеат? И да расчистат – што за нив е заедништво?

Убаво би било да не мислат дека заедништво е – тие да прават се што си наумиле, а сите останати во Македонија да мора обединето да ги следиме и да им ракоплескаме. Долгогодишните обиди да се донесе такво „заедништво“ и ја направи Македонија ранлива и нефункционална.

Можат ли Ковачевски и Османи да го сменат тоа?

Претходна вестАпасиев го прашува Џафери: По гулаб ли го пративте известувањето за референдум?
Следна вестПрегласна музика им донесе казни на 4 локали во Центар