Ако главната мерка за борба против Ковид е тоа што Спасовски ќе брои гости по домовите, освен тоа што го кршат Уставот, треба веднаш цела влада да си поднесе колективна оставка, реагира денеска опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во партиското соопштение се наведува дека ако Владата на Зоран Заев ја одобри мерката предложена од партиската здравствената комисија тогаш ќе влезе во брутално газење на Уставот.
-А ако ја одбие тогаш Венко Филипче и владата треба да побараат одговорност од комисијата и да ја разрешат, во спротивно ќе докажат дека си играат држава и целокупната криза е менаџирана од неспособни луѓе. Според член 26 од Уставот полицијата може да влезе во дом само ако има претходно одлука од Суд, а не по желба единствено на МВР или обвинителството, се потенцира во партискиот став.
Оваa партија наведува дека Заев и Филипче предизвикаа целосен дебакл на здравствен план.
–Немањето јасна стратегија резултираше во 364 новозаболени од коронавирус во текот на вчерашниот ден. Бројките галопираат. Македонија и сите граѓани страдаат заради неспособноста и лекомисленоста на власта. Уште сме на почетокот на есента, а сезоната на грип само што не почнала и сепак бројот на заразени е алармантен. Со ваква неспособна власт кои бројки треба да ги очекуваме во претстојниот период?! Наместо импровизации и неспособност потребна е одговорност, укажува оваа партија.
Инаку, за вечерва ВМРО-ДПМНЕ најави нов протестен марш во центарот на Скопје на релација од Министерство за правда па до Министерството за информатичко општество и администрација. Протестот кој ќе започне во 18.30 часот е против реваншизам и терор врз граѓаните и политичките неистомисленици.