ВМРО-ДПМНЕ: Членовите на нарко-картелите наместо да бидат гонети се сликаат со функционери, тоа го нема ни во Колумбија

Нарко-картелите се пресметуваат среде центарот на Скопје бидејќи се во коалиција со Ковачевски и Груби, велат од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тие бараат одговорност за нарко-бандите.

– Власта на Ковачевски и Груби и полицијата на Спасовски дозволија наркокартелите да владеат со улиците и дрско да се пресметуваат меѓу себе. Наместо да се кријат и да бегаат од полицијата тие во полн локал се изрешетаа на неколку стотина метри од плоштадот во Скопје, Владата и полициска станица. Ова само покажува дека безбедноста на граѓаните е ниво нула, дека бандите хараат низ градот, а полицијата е неспособна да им застане на патот.

Ваквото свирепо убиство не е прво, а како и за досегашните полицијата нема абер да го расветли. Тоа е резултат на неспособноста на Спасовски. Што уште треба да се случи овој човек да поднесе оставка.

Нарко-картелите се борат за превласт, делат региони, а нивните членови наместо да бидат гонети се сликаат со врвните функционери од власта. Ова го нема ниту во Колумбија, ниту на било кое место во светот. Токму заради коалицијата на политичарите на власт со подземјето, мафијашите се осоколени да ги порамнуваат своите сметки вака среде главниот град, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат како што велат криминалната власт и нивните пријатели од нарко-бандите да се соочат со правдата.

Претходна вестМакедонија и натаму „делумно слободна земја“ според Фридом хаус
Следна вестПо масовните протести Грузија го повлече предлог-законот за „странски агенти“