ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи седница на Централниот комитет на која ќе се избираат нов Извршен комитет и нов генерален секретар на партијата. Претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски најави дека во овој мандат партијата ќе има поинаква организациска структура, односно ќе функционира со претседател, генерален секретар и членови на Извршниот комитет.
Досегашните потпретседатели ќе бидат предложени за членови на Извршниот комитет, а во новиот состав ќе има и нови имиња. Според најавите, Извршниот комитет ќе брои 29 членови, при што дел од нив ќе влезат по функција, меѓу кои координаторот на пратеничката група, претседателите на Унијата на жените, Унијата на младите и Унијата на ветераните, како и претседателот на партијата и генералниот секретар.
Мицкоски информираше дека ќе побара од Централниот комитет да се донесе одлука за распишување избори за нови претседатели на Унијата на ветераните, Унијата на младите и Унијата на жените. Тој очекува меѓу 20 и 25 проценти од членовите на новиот Извршен комитет да бидат нови лица во партиското раководство.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека партијата повеќе нема да има потпретседатели, додавајќи дека оваа промена е дел од подготовките за идните внатрепартиски процеси и за избор на ново раководство во наредниот период. Според него, целта е да се обезбеди рамноправен терен за сите кои сакаат да придонесат во партијата и во извршната власт и да ја побараат поддршката од делегатите на следниот конгрес.



