Во Кинотека: Ретроспектива на филмови на Јиржи Менцл

Од 1 декември до 11 декември – Кинотеката во Скопје, во соработка со Амбасадата на Чешката Република – организира голема ретоспектива на легендарниот чешки режисер и глумец Јиржи Менцл. Оваа ретроспектива ќе биде отворена со филмот СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, дебитантски долгометражен игран филм на Менцл (1938-2020), со кој освои „Оскар“ за најдобар странски филм во 1967 година.

До 11 декември, во термините од 20 часот, во кинотечната сала ќе бидат прикажани уште осум наслови на Јиржи Менцл.

Со должната почит кон дузина автори од чешкиот нов бран – од средината на шеесеттите, па сè до крајот на осумдесеттите години од минатиот век – се чини дека филмовите на Јиржи Менцл, чија честа сценаристичка предлошка се литературните дела на Бохумил Храбал, се најдобар пример на луциден хумор со кој се рушат тоталитарните бастиони.

Кај Менцл таа борба со помош на хуморот можеби не е директно брцнување прст во „окото на тоталитарната власт“, туку потег што може фигуративно да се опише како потсмешлива иронична интервенција во стилот на цртање мустаќи или големи уши на иконичните слики на големите диктатори. Всушност, Хитлер и Сталин веќе имаа мустаќи – па во борбата со првиот јунак од СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ мораше да ја подметне главата – но, Менцл им ги црташе мустаќите на нивните наследници…

Менцл знаел и да склучи пакт со властодршците од тогашниот комунистички режим за да може да снима, во одреден период снимал неполитички филмови но одново му се враќал на неговиот стил со кој остана препознатлив во чешката и светската кинематографија.

Завршил режија на прочуената академија ФАМУ во Прага, кај професорот и режисер Отокар Вавра. Во кинематографскиот опус на Менцл се забележани 20-ина наградувани наслови. Менцл вторпат бил номиниран за „Оскар“ во 1987 година за филмот СЕЛО МОЕ МАЛО, а во 2003 година ја доби и Наградата за посебен придонес во филмот на фестивалот во Карлови Вари. Глумел во повеќе од 80 филма, а познат е и по своите поставки на театарските сцени во Чешка и светот.

Во 2000 година Менцл беше гостин на промоцијата на неговата книга преведена и објавена на македонски јазик во Скопје, каде што ја прими наградата за животно дел на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во 2009 година Јиржи Менцл беше гостин на Кинотеката и беше прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелните уметности ЕСРА (денешен „Европа прима“) во Скопје. Церемонијата се одржа во киносалата на Кинотеката.

Претходна вестКСЗД: Клубот „Ванчо Михајлов“ не ги отстрани спорните содржини
Следна вестТунџев: Цените на услугите на Катастарот се реални, во просек поскапеа за 25 до 30 проценти