Со тесно мнозинство од 62 и 63 гласа „за“ од парламентарно мнозинство во македонското собрание денеска се изгласани законите кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10 Д. Против гласаа пратениците од опозицијата но и од владиното мнозинство: Љупчо Балковски од ВМРО-НП и Маја Морачанин од ДОМ.
Предлог законот за изменување и дополнување на законот за работни односи со 62 гласа беше изгласан од мнозинството, а со исто толку гласови помина и Законот за експропријација со 62 гласа „за“ кој беше донесен исто така за потребите на изведувачот „Бехтел и Енка“.
Во пакет со овие закони се донесе и предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за градење со 63 гласа „за“. Предлогот за изменување на законот за урбанистичко планирање беше донесен со 62 гласа “за“. Помина и Предлогот за номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10 Д.
Сите овие закони во собраниска процедура влегоа со „европско знаменце“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски од собраниската говорница пред пратениците да гласаат за пакет законите за изградба на коридорите 8 и 10 д информира дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против.
-Стигнавте до крајот на оваа фарса, а по ова се ќе биде различно. Заврши транспарентноста на оваа Влада. Ги пониживте пратениците ја злоупотребивте ЕУ со европското знаменце, го навредивте евроамбасадорот Дејвид Гир, го деградиравте и пониживте Уставниот суд, го сокривте договорот и од Антикорупциската комисија. ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против законите за коридорите бидејќи целиот проект е покриен со сомнеж за криминал и злоупотреба, рече Мицевски.
Созјуз на синдикатите на Македонија денеска соопшти дека доколку се прифатат измените во Законот за работните односи и да се воведе 72 часовното неделно работно време со тоа ќе биде испишан „црн петок во македонската историја“.





