За три месеци одложено судењето на Лидија Димова

За цели три месеци, за 2 февруари 2023 година, е одложен почеток на судењето на поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова. На денешното рочиште со коешто требаше да започне судскиот процес не се појави ниту Димова, ниту, пак, јавната обвинителка

Како што информираше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, обвинетата Димова со поднесок до Судот побарала одложување на рочиштето поради влошена здравствена состојба. Одложување побарала и јавната обвинителка, бидејќи поради неодложни службени обврски била спречена да присуствува на првото рочиште.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја гони поранешната директорка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, и уште две лица: еден надворешен соработник и благајничката во агенцијата во период кога Димова беше директорка за злоупотреба на европски пари.

Според проценките на обвинителството штетата се проценува на 19 945 731 денари или околу 320.000 евра. Димова се товари за две кривини дела: злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Надворешниот соработник, како второобвинет се гони за измама, а благајничката за несовесно работење во служба. Според обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи.

 

Претходна вестНадвозникот во Визбегово ги знае ли маките на надлежните за негова поправка?
Следна вестТурција не прифаќа сочувство од САД во врска со нападот во Истанбул