Загрозени ли се материјалите во Државниот архив?

Обилните дождови кои деновиве врнат одново оставија „траги“ во објектот на Државниот архив кој со Уставниот суд го дели објектот покрај брегот на Вардар. Од плафонот повторно протекува вода која прави се поголема штета. Состојбата е посебно лоша на седмиот кат каде на таванот постои голема дупка, влага и мувлосани ѕидови.

За ова денеска на социјална мрежа Фејсбук фотографии сподели и историчарка Катерина Тодороска со цел да укаже на проблемот настанат и со дислокација на Државниот архив од претходните простории во зградата на Институтот за национална историја.

– Во оваа мувла работат луѓе. Овде се бесценети документи за историјата на секоја наука и секоја држава. Еве,ова е слика за нашиот однос кон државата. Истовремено, наменската зграда на Архивот зјае празна. Како човек што животот го поминал во Државен архив да премолчи?, напиша во своите коментари Тодороска.

Таа повеќе години укажува на грешката со префрлувањето на Државниот архив во објектот покрај Камениот мост.

Ваквата состојба не е од вчера туку од поодамна. Водата дури навлегувала и во одделите со архивска граѓа но надлежните во изминатиот период изјавувале дека тие „не биле загрозени“.

Со протекувањето е загрозен и Уставниот суд. Одговорните од Архивот и од Уставниот суд досега изјавувале дека со ова се запознаени надлежните од СОЗР при Владата но се уште немало најава за решавање на проблемот. Се барала и нова локација за Архивот но и на тоа немало одговор.

Дали последните дождови и штети кои се зголемуваат ќе ги поттикнат надлежните останува да се види. Но, состојбата секој ден станува полоша и полоша, а со што во ризик се доведуваат архивските материјали важни за државата.

Објектот е пуштен во употреба во 2014 година, а за неговата изградба беа потрошени 42 милиони евра.

Претходна вестМечка прошета низ улиците на Сараево
Следна вестПо втор пат „Самоков екстрем“ за развој и промоција на Поречието