Земјоделките добиваат платено отсуство за мајчинство

Жените што вршат земјоделска дејност ќе добиваат надомест за породилно отсуство, одлука е којашто ја донесе Владата на денешната седница. Тоа е предвидено во усвоената прелдог-програма за обезбедување социјална сигурност за жените што вршат земјоделска дејност.

Со оваа програма првпат се решава правото на користење надоместок за мајчинство за жените земјоделки за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, што не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи на вршителките на земјоделска дејност. Со усвојувањето на оваа програма ќе почне реализацијата на посебна мерка за финансиска поддршка во износ од 81.000,00 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство.

-За да нема злоупотреби, битно е јасно да се разграничи дека целната група која ќе ја имаа оваа поддршка се жените што имаат статус осигуреник индивидуален земјоделец, стекнат во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а кои законите од областа на работните односи не ги препознаваат како лица во работен однос поради што не може да остварат платено породилно отсуство. Жените што статусот индивидуален земјоделец го стекнале во согласност со Законот за вршење на земјоделската дејност се вработени лица и тие го остваруваат правото на платено породилно отсуство, се наведува во информацијата.

Финансиска поддршка за надоместок за мајчинство ќе се доделува на жена што родила дете во периодот од 1.12.2022 до 1.12.2023 година и ги исполнува следните услови:

– Да е запишана во единствениот регистар на земјоделски стопанства како носител или член на семејно земјоделско стопанство;

– Семејното земјоделско стопанство во кое членува да остварило финансиска поддршка во согласност со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година во износ од најмалку 100.000 денари или остварен приход од вршење земјоделска дејност во висина од најмалку 300.000 денари;

– Да има непрекинат статус на осигуреник индивидуален земјоделец во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во времетраење од 12 месеци пред раѓање на детето.

Претходна вестПратеникот што гледаше порно во српското собрание поднесе оставка
Следна вестСончево со малку облаци и умерен ветер