Жители на „Градски ѕид“: Ќе тужиме во Стразбур ако се дозволи градење на 20-катниците

Најавените висококатници на паркингот кај ГТЦ се уште ја брануваат јавноста. Многуте институции – градски, општински и државни, само си ја префрлаат одговорноста и секој чека другите да реагираат.

Дел од архитектите и активистите го повикаа градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ, да си поднесе оставка ако не може да бара суспензија на градењето на паркингот спроти „Холидеј ин“. Првата антикорупционерка Билјана Ивановска и вчера го повика Богдановиќ да го суспендира проектот со трите кули – висококатници. Други бараат реакција и од надлежното министерство, трети од Град Скопје, четврти од Советот на општина Центар… Сите се единствени, на локацијата не треба големи бетонски градби.

Околу 10тина илјади граќани се потпишаа на онлајн петицијата за тоа. Од друга страна има и такви во т.н. Ново маало кои го поддржуваат проектот бидејќи како што велат им е смачено да живеат „како во 19 век“. Последниве се значително помалку. Најново е дека околу илјада граѓани, сопственици на станови и деловен простор во зградите Градски ѕид спроти парцелата кај „Холидеј ин“, најавуваат тужба против државата пред Европскиот суд за човекови права доколку градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ даде градежна дозвола за 20-катниците. Со други зборови стравот на Богдановиќ дека ќе биде тужен од инвеститорот, а општината ќе банкротира ако потпише суспензија на проектот, сега има и друга страна: ќе биде тужен од граѓаните.

Имено, во писмото потпишано од граѓани од 320 станбени единици и 20-тина деловни субјекти, испратено до претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, градоначалниците Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, министрите за транспорт и врски и животна средина Благој Бочварски и Насер Нуредини, граѓаните велат дека се крајно разочарани од тоа што се дозволуваат вакви градби спротивно на јавниот интерес. Велат дека постојната сообраќајна мрежа не може да ги издржи овие градби и населеност, бидејќи и сега овој дел од центарот на градот е затнат.

-Нашето секојдневие сведочи за бројни аргументи кои се во целосна спротивност со издржливоста на најавените планови за локацијата ‘Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2’ и со целосна сигурност предвидува тешки и непоправливи последици по овој дел од центарот на главниот град. Секојдневно сведочиме дека пристапните сообраќајници се едвај доволни за сервисирање на постојната населеност во овој дел на градот. Улиците Кочо Рацин и Филип Македонски се преоптоварени во голем дел од фреквентните часови, а се единствени сообраќајници за сервисирање и на спорните градби. Крстосниците кај Народна банка, Народна и универзитетска библиотека ‘Св. Климент Охридски’, ‘Црвен крст’ и ЈЗУ Хируршка болница ‘Св. Наум Охридски’ претставуваат црни точки во сообраќајот на градот, а се главните крстосници кои гравитираат на спомнатата локација. Погоре споменатите сообраќајници на само неколку стотици метра од спорната локација водат до Собранието, единствената хируршка болница во центарот на градот како и до повеќе значајни државни институции со постојани потреби за непречен транспорт, велат потписниците на писмото до власта. Бараат итно и совесно деловање од страна на најодговорните.

-Од овие причини, ние граѓаните сопственици на станови, деловен простор и подземни гаражи и жители на адреса булевар Кочо Рацин бр. 14 (Градски ѕид блок 9) и кулите на адреса булевар Кочо Рацин ги повикуваме највисоките инстанци на демократските институции во државата да се повикаат на предимството на елементарниот јавен интерес над секојдневната процедурална и законска регулатива и да го спречат уништувањето на центарот на главниот град и условите на живеење во него, велат жителите на Градски ѕид.

Ќе го слушнат ли надлежните овој глас на граѓаните? Или и понатаму ќе си префрлаат одговорноста и никој ништо нема да преземе?

Претходна вестУтре дожд, на планините снег
Следна вестКога „масовното вакцинирање“ ќе стане навистина масовно?