Кога „масовното вакцинирање“ ќе стане навистина масовно?

Пандемијата си е размавната во Македонија. Последниве два – три дена има благ пад на новозаразени, но бројката на починати е константно висока и многу, многу загрижувачка.

Здравствените власти велат спасот е во почитување на мерките и во вакцинирањето. А до каде е вакцинирањето?

До вчера во Македонија се вакцинирани околу 35 000 граѓани. 13 000 граѓани ја примиле вакцината на „Астра Зенека“, од која има уште 10 000 на располагање. На располагање има и нешто помалку од 3000 има од руската „Спутник“ и 1000 од кинеските вакцини.

Ете ова властите го нарекуваат – масовно вакцинирање. Но кога навистина тоа ќе стане масовно како што е во земјите во регионот? Со Србија да не се споредуваме, за да не се фрустрираме оти таму – во Белград на пример – веќе стотици илјади се вакцинирани.

Надлежниот министер и премиерот многу пати најавуваа-  тврдеа „вакцините само што не пристигнале“, ама… Сега последни добиени датуми се за 19 и 26 април, кога се очекува во државава да стигнат по 10 000 вакцини „Фајзер“. Најавено е дека на 28 април ќе дојдат и 200 000 кинески вакцини.

Ќе бидат ли овие датуми конечни или како и датумот за почеток на преговори за влез во ЕУ, ќе доаѓа на рати, ама уште го нема да пристигне?

Сепак, во меѓувреме, направен е план – ќе се прават поголеми пунктови во шест градови кои ќе бидат регионални центри за имунизација.

Да се надеваме дека центрите ќе проработат. Инаку, за неколку илјади наши граѓани беше добро тоа што вакви центри одамна се направија во соседна Србија, па таму се вакцинираа…

 

Претходна вестЖители на „Градски ѕид“: Ќе тужиме во Стразбур ако се дозволи градење на 20-катниците
Следна вестВо Корча објавена книга на албански јазик за македонското малцинство во Преспа и Врбник