Успешно извршена и втора трансплантација на срце

Ноќеска рано изутрина на Клиниката за кардиологија успешно е извршена и втората трансплантација на срце во Македонија, објави пред малку министерот за здравство Венко Филиче на својот профил на социјална мрежа Фејсбук.

Тој напиша дека примател на ново срце е младо момче.

-Во 3 часот и 33 минути утринава кај 27-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија. Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше! Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги!, напиша министерот.

Најавата дека ќе се прави трансплантација тој ја даде вчера доцна синоќа.

– Петок на полноќ се прави подготовка за втора трансплантација на срце во историјата на нашата земја. Ова се дел од колегите на Кардиохирургија кои се дежурни вечерва, им посакувам многу успех на сите, да им држиме среќа, напиша Филипче.

Донорот е 20-годишна девојка, која починала во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство, како што вчера изјави министерот за здравство Венко Филипче, се согласило да ги донира нејзините органи. Тој рече дека се чека и на трансплантација на бубрезите кои ќе ги примат пациенти кои долги години биле на дијализа. Во понеделник, се очекува постар човек да добие шанса да живее нормално, откако коската со метастази ќе биде заменета со здрава коска.

Првата трансплантација на срце беше извршена во мај минатата година. Стануваше збор за почината 43- годишна пациентка, Емилија Динева, чие семејство се согласи да го донира срцето и пациент на 53 годишна возраст, Иван Огненовски, кој веќе подолго време чекаше донор.

Трансплантацијата беше извршена од тим на тројца кардиохирурзи под водство на проф. д-р. Сашко Јовев од државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника“, проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аиџибадем Систина“ и анестезиологот д-р. Маја Мојсова од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, која воедно е и Национален координатор за трансплантацијаs

Претходна вестПретежно облачно со повремени врнежи
Следна вестМицкоски: Јанша ми кажа дека Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале нон пејпер за промена на границите