Протест на ВМРО-ДПМНЕ: Додека народот не знае од што повеќе е погоден тие си тераат забава

Нов протест пред Министерството за здравство одржаа денеска опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ на кој беше побарана оставка од премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. На протестот насловен како „Здравје, а не провизија – Оставка на Филипче, за спас од неспособноста која убива“ беше кажано дека во време на пандемијата и на економската криза граѓаните се оставени сами на себе а Филипче и Заев се возат со скапи мотори.

-Денеска сме овде затоа што имаме 145.909 причини да побараме оставка од овој кој што ни го води здравството во државата. Се наоѓаме овдека бидејќи имаме 4.388 причини да побараме оставка и одговорност и од него и од оној кој што му е шеф. Имаме 20.082 активни причини со кои што го повикуваме да се засрами и тој и неговиот премиер кои што се возат едниот напред, другиот позади на овие БМВ ексклузивни мотори по 30.000 евра, додека народот не знае од што повеќе е погоден, дали од епидемијата или од немаштијата, а тие си тераат забава, рече пратеникот од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ГРОМ Љупчо Пренџов.

Тој додаде дека Македонија има министер кој наместо да обезбеди вакцини наоѓал фирми од кои ќе може да заработи и да се збогати.

Говорниците на протестот обвинија и дека земјава е на дното по вакцинирани граѓани, а прашаа и зошто власта немаше волја и чекаше до сега за да се намали цената на чинење на здравствените услуги во приватните болници.

-Ја потсетуваме денеска власта дека сме на 118 место од 122 држави по број на вакцинирани, на листата сме заедно со Египет, Уганда, Екваторијална Гвинеа и други. Не можаме да кажуваме цифри на заразени веќе затоа што од ден на ден се менуваат со голема бројка, народот веќе не може да го издржи притисокот од црната Ковид статистика, рече Јадранка Поцкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Роберт Вељаноски, од ВМРО-ДПМНЕ му порача на министерот Филипче да “пред да тргне на викенд со омилениот му премиер да ја извади кацигата, да ја погледне реалноста и да поднесе оставка“.

Претходна вестНа пациенти во тешка состојба ќе им бидат пресадени бубрезите од починатата девојка
Следна вестУспешно завршила првата трансплантација на бубрег, втората во тек