Зошто Арсовска е бавна во престројувањето на илјадната армија скапи градски административци?

Потребно е да се намали администрацијата во јавните претпријатија, а да се зголеми бројот на работници, мислам дека и новата градоначалничка не работи на намалување на администрацијата, смета Здравко Трајковски

Административците ем имаат работа колку за 2 дневно, ем и таа не ја завршуват како што треба. А погледнете ги и работниците на Водовод, чистачите – често на улиците двајца работат, тројца ги гледаат, еден шеф ги координира ништо не правејќи. Целата таа неефикасност ние скопјани ја плаќаме, ни прокоментира Горан Диневски

Во скопската градска администрација сосе градските претпријатија има превработеност. Со ова не откривме ништо ново, не е ново и дека ваквата скапа аномалија споро или воопшто не се решава, a сепак тоа треба да се каже на јавноста.

„Комунална хигиена“ и ЈСП „Скопје“ имаат над 1.100 вработени, а немаат доволно чистачи и возачи па мора да распишуваат огласи. Ова за многумина е само една од апсурдните состојби со пренатрупаноста со вработени кои скопјани мора да ги плаќаат. Нема доволно најнепосредни извршители, а има премногу администрација. Како е во останати градски претпријатија, не е тешко да се претпостави.

Така е веќе со години. Бројот на околу 8.000 вработени во сите 42 институции, организации, претпријатија основани од Градот Скопје никако значително да се намали. Поточно, никако да добие и соодветна внатрешна структура со која ќе има доволно непосредни извршители за работа на терен, а помалку оние кои ќе седат во канцеларии. Така е и по скопските општини на чии платни списоци се дополнителни 7.000 вработени, од вкупната 15.000-ната армија на градски и општински рабитници. Огромна бројка.

А во меѓувреме постојано се слушаат ветувањата дека Скопје ќе добие квалитетна, ефикасна, департизирана и намалена администрација. Се слушаше тоа и од новата скопска градоначалничка Данела Арсовска, стои запишано во нејзината изборна програма. Прави ли таа доволно околу овој проблем?

Нема чистачи, возачи…, а има администрација

-Ќе воведам квалитетни стандарди во работењето и професионално вработување, како и совесно управување со имотот на градот. Компетентни луѓе на вистински места и мотивирана градска администрација…, ветуваше Арсовска во својата изборна програма.

Оттогаш до сега се слушна само за прекинување на договорите на повеќе од 100 лица кои минатата година беа експресно примени во градски „Водовод и канализација“ со одлуки на тогашното раководство. Имало и прекин на договорите на околу 30-тина ангажирани работници во „Комунална хигиена“ и толку. Сега од истото тоа претпријатие кое брои 1.119 вработени бараат да им се одобри ангажирање на сезонски чистачи оти ги немале доволно.

Одговор што е со внатрешните вработени, дали од нивните редови може да се ангажираат потребните чистачи немаше. Или, во ова градско претпријатие важи правилото дека кој еднаш ќе седне во канцеларија веќе нема преместување?

-Треба да се намали администрацијата во јавните претпријатија, а да се зголеми бројот на работнициСум работел во ЈП и ја знам состојбата. Соодносот меѓу работници и администрација со се раководен кадар е ист. Тоа е несфатливо. Мислам дека и новата градоначалничка не работи на намалување на администрацијата туку напротив, дека има нејзино зголемување, смета Здравко Трајковски.

Зошто при недостиг на одреден кадар, работите не се пробува да се решаваат со внатрешни прераспределувања? Односно, зошто нема сериозен напор на градоначалничката Данела Арсовска за доведување на градските служби на едно оптимално ниво?

Уште пред четири години поранешниот градоначалник Петре Шилегов рече дека има вишок од околу 1.200 вработени. Но и тој не се прекрши од работа тоа да го реши. Кажа дека во ЈСП има 700 административци, дека „Градски паркинг“ може да функционира со 130 вработени… Но, темелен рез не направи. Дали Арсовска ќе го направи до крајот на мандатот?

Преквалификации наместо нови вработувања

-Каква е состојбата си знае најдобро Арсовска. Само знам дека по општините и по јавните претпријатија има многу вработени, не можеш да ги изброиш. Има вработени од сите партии, партиски вратиклатци колку сакаш, укажува Љупчо Усинов.

Нешто, извесно, мора да се менува. Фактот дека се кандидира како непартиска личност и дава позиција на градоначалничката Арсовска да прави реорганизации без да води сметка за мислењата на партиите кои досега управувале и вработувале во градските служби. Дилема е, меѓутоа, дали таа тоа доволно го користи. До сега, од различни причини, Арсовска смени повеќе од 15 директори во градските претпријатија при што веднаш се забележа дека новите директори се блиски до одредени партиски групации. Дали и како тоа може да предизвика застој во промени во организацијата на јавните претпријатија не е тешко да се претпостави. Но, нешто мора да се прави за градот да добие оптимален број на вработени во градски служби.

-Таму каде што има отповеќе административци нека ги ангажира за одржување на градот. Скопје никогаш не изгледало позапустено од сега. Градоначалничката многу ветуваше а ништо не се оствари, смета Снежана Јовановска.

И Здравко Трајковски смета дека во градските служби треба да има повеќе непосредни работници.

-Дефинитивно се потребни повеќе оперативни работници. А како до тоа, начинот нека си го најдат директорите на јавните претпријатија, потенцира тој.

Меѓутоа, се чини за вакво нешто на градско и на општинските нивоа во Скопје малку се зборува. Преквалификации, преместувања, нови систематизации… се уште се непознати во организационата поставеност на скопските јавни претпријатија. Како да се чека само да дојде нова сезона, па да се ангажираат сезонските работници и за што ќе се потрошат илјадници евра од градскиот и буџетите на претпријатијата.

 Прекинатите договори го намалија бројот

Прекинувањето на договорите за вработувања на определено време, се чини, е и главната причина за одредено намалување на бројот на вработените во Градот Скопје и градските претпријатија во минатата 2022 година. Така, на пример, Градот Скопје на крајот на ланската година имал 667 вработени, а преклани 723. Во „Градски паркинг“ работеле 244 вработени, а во 2021-ва година 252, во… Но, сепак, и ланските бројки не се мали и тоа е многу далеку од вишокот од околу 1.200 вработени.

Имаат работа 2 часа дневно, ама и таа не ја завршуват како што треба

-Административците ем имаат работа колку за двачаса дневно, ем и таа не ја завршуват како што треба. А и не е само до нив, погледнете ги работниците на Водовод, чистачите – често гледаме на улиците двајца работат, тројца ги гледаат, еден шеф ги координира ништо не правејќи. Целата таа неефикасност ние скопјани ја плаќаме, ни прокоментира Горан Диневски.

Претходна вестБлерим Беџети е нов организациски директор на Клиничката болница во Тетово
Следна вестУжасни ми се инфлуенсерите и баналноста со која не бомбардираат