Зошто Спасовски со апел го решава проблемот со мангупите-функционери?

Министерот за внатреши работи Оливер Спасовски вчера ја изненади јавноста со признанието кои се сопственици и корисници на луксузните возила кои што граѓаните неретко ги среќаваат со флешери и други светлосни ознаки.

-Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции не бирајќи ни политички партии нити функции ниту, пак, било што друго. Првите флешери ќе ги видите ако влезете во Белата палата, но постојат и во другите политички партии. Апелирам сите заедно како политичари да бидеме пример за луѓето и пример за одговорност, потенцира Спасовски.

Првиот човек на МВР, практично, за јавноста ги откри сознанијата коишто полицијата ги има во однос на недозволената употреба на вакви светлосни сигнализации. Но, тоа не е она што ја изненади јавноста која и досега имаше основани сомнежи дека токму политичарите се тие кои најмногу ги користат на возилата со кои крстарат по градот, од изутрина па до доцни ноќни часови. Изненадувањето не беше само фактот дека МВР се уште не се справило со тој проблем кои што го предизвикуваат „мангупите функционери“, туку и начинот на којшто министерот Спасовски планира да се справи со тој проблем. Навистина за чудо е како МВР, кое , ете, имало веќе повеќе сознанија дека политичарите од најразлични партии недозволено користат флешери, се уште не се справило со нив и ја запрело ваквата појава? Санкции за ова дело постојат и тие треба да почнат да се применуваат и да се казнуваат оние што прават ваков прекршок. Околност дека тоа го прават „мангупи функционери“ тука ништо не смее да смени, ниту некого да амнестира од вината доколку министерот сака рамноправно да ги третира сите граѓани.

Врзано со ова, уште е почуден начинот на којшто Спасовски планира да ја искорени оваа појава. Апелот до политичарите, тие да бидат пример за луѓето и за одговорност, не е начин на којшто ќе ја снема употребата на недозволената светлосна сигнализација. Ако беше до апелите, ако беше до држењето до моралниот кодекс, ваквата појава воопшто и немаше да ја има меѓу политичарите и функционерите. Но, за жал, и натаму ја има и што значи дека мора да се применуваат друг вид „апели“, а МВР има завиден избор на санкции на располагање…

Претходна вестТројца американски маринци најдени мртви во автомобил
Следна вест17-годишно момче загина во сообраќајна несреќа со мотор