Зошто власта не го одложи ултиматумот за менување на личните карти, пасошите…?

Наметнатата обврска граѓаните на Македонија да ги сменат личните докумети веќе извесен период ја бранува јавноста. Власта инсистира до февруари идната година сите да го имаат во докуметите омилениот збор на Владата – „Северна“. Граѓаните негодуваат поради повеќе причини.

Телефонска врска за закажување во МВР тешко се добива, термини веќе нема ниту за во декември, чекања, многу пари за државни такси, нервози, неизвесност што ќе се прави во ситуација кога личните документи веќе нема да важат, а немаат нови… Сето ова веќе со месеци им виси над главите на граѓаните откако Владата постави рок и го наметна ултиматумот.

Зошто власта не го одложи терминот барем за уште две години?

Во тој дополнителен период на многу од документите и онака ќе им престане важноста. Во тој дополнителен период фамилиите ќе си направат распоред и приоритет кој што треба да смени, оти сето тоа е прескапо ако се прави наеднаш.

Инаку, големиот трошок за издаток кој им е наметнат на граѓаните е по основ на обврските коишто ги презела државата согласно на Преспанскиот договор со Грција, која, пак, не се претргна во исполнувањето на обврските од него. Не се почнати ниту пак преговори со ЕУ.

Зошто тогаш се брза?

Има и друго прашање: зошто таквата обврска треба да ја платат граѓаните? Народниот правобранител Насер Зибери е категоричен во тоа дека таквата ставка не смее да има во семејните буџети.

– Државата наметнува обврска, во тој случај логично е, граѓаните да не бидат изложени на трошоци, зошто таа обврска се наметнува не по нивна вина, не поради истек на исправата, реагира Зибери.

Исто вака размислуваат и граѓаните: Во коментарите коишто ги оставуваат по социјални мрежи се категорични дека не треба да дават свои пари за тоа.

-Мене пасошот ми важи уште пет години. Зошто нов? Знаат ли тие дали имаме прари за нов? Кога сакаат така, треба без пари да ни направат, смета граѓанката Весна А.

Друга наведува дека што државата прифатила таков договор, тогаш треба и самата да плати за последиците.

-Ова треба државата да го плати, затоа што тие го сменија името, а не народот, вели Сузе Т.

Лазар П. укажува дека и во договорот било предвидено дека документите ќе се менуваат етапно.

-И во самиот договор стои дека промените на документите ќе е етапно, по отварањето на кластерите. Пример – кога ќе се отвори кластерот Образование, државата треба во период од пет години да ги промени документите поврзани со образованието… нашата влада уште првата година почна да дава свидетелства со новото име, а веднаш почнаа да издаваат и изводи од матичната книга на родени. А ние уште не сме отпочнале со преговорите. Се она што не е природно и од човечка рака направено, може и да се промени, порача тој.

Но, на владините претставници не им се слуша за ваквите барања и ставови на граѓаните. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера ги смируваше граѓаните дека и по истекот на февруарскиот рок со несменетите документи ќе може да гласаат на изборите и да ги остваруваат други права. Но, и пак повтори дека промената на личните документи „треба да ја платат граѓаните“ без да понуди аргументи за тоа.

-Во однос на промената на личните документи кои ги имаме засега нема каква било друга одлука од таа која што е донесена. Значи, тие треба да бидат променети, рече вчера Спасовски откако го запрашаа за барањето на народниот правобранител Насер Зибери.

А дали ќе може со несменети – а сеуште важечки докумети да се извршуваат работите во администрацијата, банките…? Ова е една од дилемите која се наметнува во јавноста.

За понижувањето дека власта за да угоди на странци ги малтретира граѓаните има редици и редици негодувања на социјалните мрежи.

Сепак, најмногу граѓаните негодуваат и бараат – наметнатата обврска да се оддложи за една до две години.

Претходна вестЛокализирани се пожарите во Кривогаштани и Сарај
Следна вестМасакр во Америка, пензиониран полицаец уби најмалку 5 лица