Со 101 глас „за“ пратениците дадоа согласност предлог-измените за покачување на минималната плата да се донесат по скратена постапка. Ниту еден пратеник не гласаше „против“, а немаше ниту воздржани. Сега за предлог-законот треба да расправа собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Со предлог-измените се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од ДЗС за претходната година. Овие измени ќе опфатат околу 80.000 лица кои со исплатата на мартовската плата ќе добијат покажување од 15.200 на 18.000 денари.
Договорот за покачување на минималецот беше постигнат во понеделникот вечерта (7 февруари), по неколку дена разговори меѓу Сојузот на синдикати на Македонија, Владата и организацијата на работодавци.
Пратениците од „Левица“ кои исто така имаа поднесено измени на Законот за минимална плата, го повлекоа нивниот предлог, најавувајќи дека ќе дадат поддршка на Предлог-измените поднесени од Владата.




