Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на т.н. пржинска влада, не ја доби потребната поддршка од пратениците.
Тој беше на дневен ред на денешната седница, меѓутоа „за“ гласаа помалку од потребните 61 пратеник.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, образложувајќи го предлогот рече дека ваквото решение е нефункционално.
Меѓутоа, опозицијата не ја доби очекуваната поддршка од мнозинството пратеници. „За“ гласаа 32 пратеници, а „против“ беа 55 поради, со што предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не беше усвоен.
На денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарско прашање како го оценува однесувањето на СДСМ со тоа што ја отфрла пржинската влада, одговори со еден збор – кукавички.
Техничката или пржинската влада беше воведена како модел за време на преговорите меѓу партиите во Пржино, за излегување од големата политичка криза по откривањето на аферата со масовното нелегално прислушување, односно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година. Оттогаш во земјава имаше две преодни влади, кои значително го надминаа предвидениот мандат од сто дена: Мандатот на првата преодна влада на Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ беше продолжуван поради големите политички превирања кои доведоа до одложување на терминот за одржување на парламентарните избори во 2016 година. На втората преодна влада на Оливер Спасовски од СДСМ, пак, „рокот“ ѝ беше продолжен поради ковид-кризата, која исто така предизвика одложување на изборите во 2020 година.




