Да се оформи работно тело од родители во склоп на Министерството за образование и наука за партнерски да се решаваат проблемите во основното образование, а пред сѐ оние што произлегле од Концепцијата донесена минатиот март, која треба да се преоцени. Тоа го предлага Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” чии претставници денеска имале средба со министерот Јетон Шаќири.
За нивната иницијатива министерот начелно се согласил, а средбата била конструктивна, соопшти по средбата во МОН Драгана Спасевска, претставник на оваа граѓанска иницијатива која на Фејсбук ги обединува родителите кои се против тековните реформи во основното образование.
-Очекуваме дека Министерството наскоро ќе го формира ова тело на родители и заеднички со министерот и Министерството ќе пристапиме кон решавање на бројните проблеми коишто ги остави претходната министерка Мила Царовска. Реформите треба да се по мерка на ученикот, со длабока анализа и ревизија на Концепцијата да се согледаат недостатоците, а потоа да видиме што треба, а што не треба. Тоа не може да се случи наеднаш, туку етапно и ќе има доста работа. Даваме време, но многу е важно родителите директно да бидат вклучени во МОН, изјави Спасевска.
Тука треба да влезат институции, стручната фела – педагошки факултети, а не поединци како што беше претходно во работењето на МОН. Не да одлучуваат поединци и невладини сектори во МОН, додаде претставничката на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има”.