Правам разни проекти од културата, тоа ме прави исполнета и среќна

Најубаво се чувствувам кога танцувам, пеам, свирам на клавир, кога пишувам песни, кога учествувам во проекти, вели талентираната и наградувана Дени

 Најомилени предмети ми се музичко образование и изборните часови по танци и ора, потоа македонски јазик, граѓанско образование и иновации. Најмногу сакам кога треба да изработиме некој проект и потоа да се презентира. Секогаш се пријавувам за подготовка на проект на одредена тема, било да е индивидуално или во група, многу ми е интересно и кога треба да го презентирам, ни кажува Дени Жерновска, ученичка во деветто одделние во скопското основно училиште „Гоце Делчев“. Таа неодамна го доби признанието од општина Центар, наградата „Феникс“ за постигнувањата во сферата на културата во категоријата на ученици.

Имам голема желба да учествувам во различни проекти поврзани со танцот, музиката, во творењето и уметноста воопшто. Многу сакам да се дружам со моите другарки и честопати се организираме и дружиме. На часот по физичко образование се пријавив да направам проект за танцот и тогаш во презентацијата ја вметнав и првата инклузивна танцова претстава Пепелашка која ја подготвивме и одигравме со танцовото студио Еурека, каде што сум и член. Дури и претседателот на државата беше во публика и не пофали. Исто така, со Пепелашка се претставивме и пред принцот Едвард од Обединетото Кралство, кога ја посети нашата земја, ни кажува таа.

Секако, ова е само дел од активности кои Дени досега ги имала. Учествувала и во снимање на документарниот филм “24доц” со ученици со и без попреченост од три училишта каде што со нејзината другарка ја извеле драматизацијата  “Две раце”. Имала главна улога во видео спотот  “Дискриминацијата завршува со мене” за спречување и заштита од дискриминација, доби „Златна бубамара на популарноста за прва инклузивна танцова претстава Пепелашка со танцовото студио Еурека“. Имаше и една од главните улоги во втората инклузивна танцова претстава “Ѕвонарот” изведена во МОБ, подготвена и одиграна во услови на пандемија. Имала и рецитали, настапувала во прилози со цел да се подржи вклучување на децата со атипичен развој во редовната настава…

– Како што спомнав јас најмногу ги сакам танцот и музиката. Веќе 6 години танцувам во танцово студио Еурека, посетувам и часови по пеење и по клавир. Мислам дека се доаѓа од срцето и љубовта кон нештата. Секој се пронаоѓа во тоа каде што има афинитети и се чувствува убаво. Најубаво се чувствувам кога танцувам, пеам, свирам на клавир, кога пишувам песни, кога учествувам во проекти и кога ги реализираме. Сето тоа ме прави исполнета и среќна. Правете го тоа што ве прави исполнети и среќни, ни вели искрено Дени.

 Ова вредна ученичка ни кажува и тоа дека секако планира да продолжи со вонучилишните активности од областа на музиката.

-А потоа…, сакам да станам наставничка по музичко образование, а дали ќе успеам во тоа…., ни рече на крајот Дени Жерновска.

Го сака средното музичко училиште

Дени ни открива дека по завршувањето на основното училиште има голема желба да се запише во средното музичко училиште.

еѓутоа, во разговори со родителите и целата организација потребна за редовно посетување на средното училиште, најверојатно пресудно влијание ќе има близината и пристапноста на средното училиште Јосип Броз, но се информирав дека и таму има смер што е насловен Јазично-уметнички смер, па некако ќе се пронајдам на тој начин со мојата желба кон уметноста. Потајно се надевам сепак дека ќе се запишам во средно музичко, со насмевка ни вели таа.

 

Претходна вестНа сиромашните им помагаат едни те исти фирми, нови ретко се појавуваат
Следна вестРакетирана база во Лавов, Зеленски со порака до руските сили