Секој малку посилен дожд во Скопје прави проблеми со поплавени сообраќајници. Всушност проблемите најчесто се кај слабите градители на улиците, ама ете така си велиме ние скопјани – дождот не поплави.
Чаре? Треба да се поправат критичните места и барем новите улици да се прават како што треба за да нема поплави.
Арно ама вчерашниот обилен дожд што го зафати градот ги откри и сите маани коишто ги има на новите улици. Таков е примерот со улицата „Васил Карангелески“ во скопски Аеродром чијашто реконструкција е во тек. Дождот за кусо време ја поплави улицата и се направија езерца од двете страни. Водата се насобра на делот од улицата којшто е веќе (пред 2-3 недели) реконструиран и на кој е поставен финален слој на асфалт.
Значи, не треба да се бара мааната кај дождот, тој овој пат дури и помогна градителите, а и градоначалникот да видат дека нешто не е во ред и тоа да се поправи додека се уште се работи на улицата.
Ќе видат ли?