Возилото на пајак службата на ЈП „Куманово-паркинг“ е технички неисправно и нема сертификат за подигање на возила, покажала вонредната контрола што вчера ја извршила сообраќајната полиција.
-При контрола на пајак возилото од страна на полициските службеници било утврдено дека тоа не е технички исправно,а при контрола на техничкиот преглед било утврдено дека возилото не поседува сертификат за употреба на кран за подигање на возила, соопшти МВР.
Поради утврдените пропусти возилото било исклучено од сообраќај.
Директорот на ЈП „Куманово паркинг“, Сашо Петрушевски на денешната прес-конференција објасни дека завчера возилото било стопирано од инспектор на Државен инспекторат за транспорт и била побарана лиценца за транспорт иако таква лиценца по закон не треба да има претпријатието.
– Увид на документите за сите други потребни документи не ги гледаше, туку ни бараше документи кои ги немавме и ги немаме, и ниту едно јавно претпријатие на ниво на Република Македонија ги нема. Ни беше одземена сообраќајната дозвола на 30 дена. Веднаш направивме жалба до второстепена комисија и ако не ја вратат сообраќајната ќе водиме управна постапка пред Управен суд, затоа што одговорно тврдам дека сме во право, вели Петрушевски.
Според Петрушевски, возилото не треба да има таков документ, оти во сообраќајната дозвола стои дека се специјално возило.
Петрушевски ги демантираше и написите на одредени портали во кои стои дека пајак возилото нема А тест. Вели дека ги имаат сите потребни документи за вршење на дејноста.
–Имаме атест од 27 февруари 2023 година и налепница стои на самото пајак возило и ги имаме сите потребни документи за вршење на оваа дејност. Мене ми е нејасно зошто се изнесуваат тие невистини и тоа е се со цел работата на градоначалникот на Куманово и јавното претпријатие, притисоци кои се континуирани од некои министерства. Можам да кажам дека сите овие дозволи кои се потребни за работењето на пајак службата, на двата пајака, јавното претпријатие ги поседува. Зошто е сето тоа вака, ќе процени кумановската јавност, вели Петрушевски.