Хероизмот на солунските атентатори, гемиџии, силно е вградено во меморијата на македонскиот народ. Саможртвата на секој од гемиџиите кои во април 1903 година ги организираат Солунските атентати не се заборава. Јордан Поп Јорданов – Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов и Цветко Трајков решиле да се борат за слободата на македонскиот народ, да го актуелизираат македонското прашање во Европа. Се решаваат да извршат напади врз објекти на европскиот капитал во Турција и да ги натераат големите сили да интервенираат во прилог на ослободувањето на нивната татковина од турското владеење.
Атентатите започнуваат на 28 април и се прават во повеќе наредни денови. На 28 април околу пладне во близина на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. На 29 април вечерта, околу 8 часот, Константин Кирков поставува 2 кг динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, врз Отоманската банка се фрлени две бомби по што Јордан Поп Јорданов – Орцето го активира експлозивот, кој уништува поголем дел од зградата на банката…
Роден во Велес во 1881 година Орце бил помлад брат на македонскиот револуционер Миле Поп Јорданов за чие јунаштво народот испеал песни. Се школувал во родниот град и Солунската егзархиска машка гимназија, а подоцна целиот свој живот го посветува на борбата за Македонија и за слобода на македонскиот народ. Тој е еден од поистакнатите членови на Гемиџиите. При разработката на планот за атентатите тој ја има задачата за минирање на Отоманската банка во Солун и за што е претходно прокопан тунел во кој е поставен динамит. Потоа, Орце загинува херојски на 30 април 1903 во куќата во која што живеел, фрлајќи ги последните бомби врз турските војници кои го држеле под опсада.
Орце бил голем идеалист кој и со својата смрт сакал да биде корисен за револуционерното дело и својата татковина Македонија. Тој непосредно пред Солунските атентати се осигурал во друштвото Њујорк на 10.000 франци и тоа на името Симеон Радев. Во писмотото до Радев, тој истакнал:
-Пред неколку месеци се осигурав на 10 000 франци, која сума по мојата смрт ќе ти биде исплатена. Сакам и со мојата смрт да бидам во полза на делото, за кое живеев, работев и ќе умрам – делото за ослободување на нашата скапа и сакана Македонија, порачал тој.
И денеска многумина се прашуваат што ги навело овие млади луѓе кои штотуку завршиле гимназија и се на возраст меѓу 18 и 22 години на еден ваков чин. Тоа можеби најдобро го објаснува токму Орце во своето последно писмо до неговата љубов девојката Кате. Во него, покрај другото, тој напишал:
-Сакана единствена Кате,
Кога ќе го читаш моето писмо мене веќе нема да ме има – јас ќе бидам труп или веќе фрлен во некоја дупка како претепано куче. Но, во ситуацијава кога пред мојата смрт ми останува да живеам уште еден час или два, додека ја фрлам и последната бомба и да го тргнам чкрапецот на мојот нагант, мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам. Од првиот пат кога те видов, те засакав. Ти ми беше единствена радост, но чувствував дека немам право да се врзувам со тебе. Јас не си припаѓам себеси, а на делото кое што беше цел и смисла на мојот живот. Да работам и да умрам за слободата на мојот народ, на мојата сакана ценета Македонија…