Потпишан меморандум за соработка меѓу Скопје и Рим

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на Градот Рим, Роберто Гуалтиери, вчера потпишаа Меморандум за воспоставување соработка, пријателски релации, заеднички активности, размена на искуства од областа на културата и на животната средина, како и за изнаоѓање решенија на предизвици од социо-економски карактер.

Со Меморандумот Скопје и Рим ќе поддржат и поттикнуваат реципрочна поддршка за иницијативи насочени кон соработка и развој во областа на урбанизмот, урбаната регенерација, заштитата на животната средина, културата и за иницијативи насочени кон соработка и развој во областа на инклузијата и иновациите.

На денешната средба, градоначалничката Арсовска го запозна градоначалникот Гуалтиери за активностите на Град Скопје во рамки на кандидатурата на Скопје за престижната титула Европска престолнина на културата и ја истакна поддршката од Скопје за кандидатурата на Рим за Експо 2023.

На синоќешната презентација на кандидатурата на Рим за ЕКСПО 2030 година Гуалтиери рече дека желбата му е 2030-та година да биде значајна и за Рим и за Македонија.

-Мојот сон е дека во 2030 ќе можеме заедно да прославиме, Рима ЕКСПО 2030, а Северна Македонија како членка на ЕУ, затоа да работиме заедно за да ги постигнеме овие цели, рече тој.

Гаултиери посетата на Скопје ја оцени како одлична, напоменувајќи дека имал повеќе средби на кои се говорело за римскиот проект за ЕКСПО 2030, но станало збор и за преземање конкретни чекори за соработката помеѓу Рим и Скопје, но и меѓу Италија и Северна Македонија.

-Потпишавме Меморандум за разбирање, договор за соработка помеѓу Рим и Скопје во повеќе полиња – култура, бизнис, административна соработка затоа што мислам дека денес се соочуваме со истите предизвици и имаме многу да си кажеме, и мислам дека има огромен потенцијал кога станува збор за туристичката размена и економската соработка помеѓу Италија и Северна Македонија, помеѓу Рим и Скопје, рече тој.

Кандидати за организација на ЕКСПО 2030 чие мото е „Луѓе и територии: обнова, вклученост и иновации“ покрај Рим се и Ријад од Саудиска Арабија и Бусан од Јужна Кореа.

Претходна вестОблачно, ветровито со локален дожд
Следна вестОткако Чешка ја победи Црна Гора македонските одбојкари влегоа помеѓу најдобрите 16 во Европа