Детски новогодишни претстави, настап на над 40 музички ѕвезди и голем број на разновидни активности нуди празничниот базар кој синоќа беше отворен во центарот на Скопје. Базарот е во организација на „Комора на музичка индустрија“ и Град Скопје, а ќе трае четиринаесет дена.
На синоќешното отворање на базарот кој го отворија младите музичари од Дајте музика, присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска која на присутните им посака следната година да ја одбележат среќата, здравјето, радоста, хуманоста и солидарноста.
-Сметам дека најважно од се е на нашите граѓани, не само на Град Скопје, туку и на Македонија е да им посакаме да ги поминат новогодишните празници незаборавно, да уживаат во програмата која Комората на музичарите ја изготви за нив. Ова ќе бидат две незаборавни недели за нив и се надевам дека се она што било лошо изминатата година ќе се заборави и ќе можеме сите да се посветиме на следната година, порача Арсовска.
Градоначалничката рече дека новата година ќе ја пречека со семејството во домашни услови.
Поголем број на граѓани со своите деца синоќа присуствуваа на празничната програма и ги разгледуваа поставените новогодишни украси, најчесто фотографирајќи се покрај нив. На плоштадот има анимации од сите страни за најмалите. Поставени се реквизити од поранешниот Луна парк, има неколку поставени штандови со санки на кои не го има само обожуваниот Дедо Мраз, туку и ликови од цртаните филмови кои им се омилени на дечињата.
Вечерва, на централната бина, празничната програма ќе започне во 18 часот со детска новогодишна претстава. Потоа, во 19 часот предвиден е настапот на ЕРА ѕвезди – Ана Петановска, Мите Стоилов, Мартијан Кириловски, Мила Николовска и Џенгис Мемедовски. Во 20 часот ќе се одржи наградна игра, во 20.20 часот ќе настапи Елена Ристевска, а во 21 часот е закажан Каан Мазхар, со гостинка Даниела Темелковска. Водителка ќе биде Маријана Станојковска.



