Една година и осум месеци казна затвор за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и парична казна од 800.000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице е пресуда изречена денеска со Основниот Кривичен суд – Скопје. Судењето беше за случајот што се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“.
Судијата Ивица Стефановски, кој денеска ја објави пресудата во Основен Кривичен суд Скопје, наведе дека обвинетите Беким Хаџиу и правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ се виновни затоа што обвинетиот, како управител на правно лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус.
Според обвинителниот акт, обвинетиот Беким Хаџиу, како управител на правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа – Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.
Во 2021 година во кобната автобуска несреќа на автобусот на „Беса транс“ на автопатот „Струма“ во Бугарија загинаа 45 македонски државјани, а седум беа повредени. Истрагата на бугарските власти покажа дека загинатиот возач е виновен за несреќата.
Автобусот на „Беса Транс“ удрил во оградата на автопатот „Струма“ кај село Боснек во раните утрински часови на 23 ноември. Непосредно пред клучката Бошнек, тој излета од коловозната лента, удри во заштитната ограда, а потоа се запали при што загинаа 45 лица, од кои 13 беа деца.
Во Македонија потоа се покрена судски процес против управителот на „Беса транс“ за фалсификување лиценци. Само за една година, со лажна јавна исправа, автобус на „Беса транс“ 20 пати ја преминал државната граница.