Земјоделците од струмичкото село Просениково одржаа протест пред селото поради ниските откупни цени на доматите кои секојдневно паѓаат поради прекупците. Пратеникот Сашко Јанчев, координаторот на Секор – земјоделие на Левица и членовите на Локалниот огранок на Левица од Струмица беа на протестот да им дадат поддршка на земјоделците.
– Главен виновник за ниските цени е зелената мафија на прекупци која секојдневно ја спушта цената. Со понудената сегашна цена тие не можат да си ги покријат ни трошоците за производство и велат дека ако вака продолжи и она малку младо население кое е останато во селата, ќе ја напушти државата, изјави Јанчев.
Тој пред земјоделците ги потенцираше и програмските заложби на Левица во областа на земјоделието.
– Зелената мафија мора да се разбие. Мора да се отворат државни откупни центри кои ќе ги диктираат фер – цените за откуп! Стоковните резерви на државата мора да се пополнуваат само со домашно производство со однапред склучени договори со земјоделците, мора да се гарантираат фер – минимум откупни цени и мора да се отворат државни ладилници од кои ќе се снабдуваат со домашно произведена храна: АРМ, градинки, школи, болници итн, истакна Јанчев.
Ова се дел од мерките предвидени во Програмата на Левица за спас на земјоделието.
Земјоделците од овој крај кажаа дека ќе продолжат со протести, а Левица им дава безрезервна поддршка.