Home АКТУЕЛНО Седницата за избор на нова влада закажана за в сабота

Седницата за избор на нова влада закажана за в сабота

0
Седницата за избор на нова влада закажана за в сабота

За в сабота, 22 јуни, во 11 часот е закажана седмата пленарна седница на Собранието на која како единствена точка на предлог-дневниот ред е изборот на новата влада во земјава.

Предлагач на составот на владата е мандатарот, пратеник и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

До собранискиот спикер и до пратениците тој вчера го достави предложениот владин состав, како и програмата за работа на идната влада. Воочливо од предложениот владин состав, кој Мицкоски вчера повторно го обзнани и пред медиумите, е дека ќе има пет вицепремиери, иако се очекуваше тие да бидат четворица.

Согласно собранискиот Деловник, седницата за избор на влада трае најмногу два дена. Мандатарот ја образложува програмата и предлог-составот на владата пред пратениците, по што во Собранието се води единствен претрес. Гласањето за избор на новиот владин состав се врши по завршување на претресот, најдоцна во 24:00 часот. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.