Стејт департмент: САД се во редовен контакт со владини функционери за прашања од меѓусебна загриженост

САД се во редовен контакт со владини официјални лица за прашања од меѓусебна загриженост, изјавија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски. Оттаму одговорија на прашањата дали САД имаат информации за наводен ризик од дестабилизација во Македонија, како што предупреди премиерот Христијан Мицкоски, како и дали на оваа тема разговарале со македонската влада.

– Додека генерално не обезбедуваме соопштенија од дипломатски состаноци, ние сме во редовен контакт со владини функционери за широк спектар на прашања од меѓусебна загриженост, одговорија од прес-службата на Стејт департментот.

Мицкоски, при посетата на Царинската управа на 15 август, рече дека високи функционери во поранешни влади се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен и да „провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија“.

-Индиции имаме за елементи, кои што располагаат со огромни милионски суми на пари, дел од нив се и високи функционери во поранешни влади и кои што се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголемиот дел да манипулираат, и она што мене посебно ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе, и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Апелирам, и до јавноста, и до медиумите и до граѓаните, да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат, порано или подоцна сторителите на овој тип на провокации ќе одговараат, изјави Мицкоски.

Претходна вестСо едносменска настава може да почнат 124 училишта
Следна вестНа Табановце за излез и влез зголемена фреквенција на возила