Изгаснат пожарот во струшкиот Безистен, најмногу настрадаа дуќаните под покривната конструкција

Целосно е изгаснат пожарот што утрово избувна во кровната конструкција на Безистенот во Струга, потврди за МИА командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струга, Фети Мазари. Причините што го предизвикале и настанатата материјална штета допрва ќе се утврдуваат.

Во пожарот нема жртви и повредени лица.

Според командирот на струшките пожарникар, поради збиеноста на градбите во старото градско јадро постоела опасност огнот да зафати и други објекти.

-Постоеше опасност да бидат зафатени и другите објекти, но за среќа ние брзо дојдовме и го изгаснавме. Зафатен е кровот од Безистенот, можеше да се прошири, среќа пожарникарите стигнаа на време. Го изгаснавме и ги спасивме околните објекти, изјави Мазари.

Сопственици на дуќани, кои во Безистенот во Струга ги има 315 на број и кои функционираат како угостителски објекти, бутици и други бизниси, велат оти се загрижени поради настанатиот пожар.

-Секој обичен граѓанин е загрижен, а не ние кои имаме бизниси тука од кои живееме и зависиме. Малку застрашувачко е ова. Жал ми е за овие горе кои настрадаа имаат повеќе штета, и долу во некои дуќани ќе имаме штета од водата, изјави за МИА Белки Азиба, сопственик на дуќан.

Увидот на надлежните институции треба да ги утврди причините за настанувањето на пожарот и колкава е предизвиканата материјална штета.

Претходна вестЈавните површини во Центар ослободени од 40 хаварисани возила
Следна вестМакедонија на трето место на Светското првенство на бармени