Центарот за современи уметности (ЦАЦ) изработи кратко видео на кое се прикажани канализациите и отпадните води кои се влеваат во реката Вардар од нејзиниот извор во Вруток, па се до излезот на Скопје. Идејата на ова видео е да се информираат граѓаните за, како што велат од ЦАЦ, тивкото долгогодишно тунишување на најголемата река и да се обидат да ја подигнат свеста на надлежните.
-Не сакаме и не можеме да се помириме со фактот дека сите наши реки со проток поголем од 3 кубни метри во секунда се декларирани како загадени, значително или екстремно загадени како и со фактот дека нашите езера се борат за спас и преживување, а сето тоа се случува во период на глобално затоплување и претстоечки климатски промени. Со ова видео посветено на загадувањето на реката Вардар сакаме да потсетиме дека во ерата на глобалното затоплување кога водата станува еден од клучните стратешки и безбедносни ресурси на југот на Европа ние буквално го уништуваме најголемиот водотек во Македонија и ја правиме вардарската вода целосно неупотреблива бидејќи не прочистуваме ниту литро од отпадните води, велат од ЦАЦ.
Видеото прикажува десетина поголеми испустни цевки за загадување кои значително ја уништуваат и ја убиваат реката, правејќи ја водата од Вардар неупотреблива бидејќи истата на само 50-тина километри од изворот доаѓа во највисоката 4 и 5-та категорија на загаденост – вода која не смее да се користи за ништо, за веќе во Скопје да се карактеризира вон секоја мерлива категорија.
-Со таа категорија Вардар продолжува да тече низ поголемиот дел на Скопската котлина и надолу во Повардарието па се до Демир Капија каде Вардарската вода повторно иако загадена може да се категоризира во 4-та и 5-та класа на загаденост (повторно категории на загаденост според кои водата не може да се користи за никаква намена) што е повеќе од застрашувачки. Во рамите на подготовките и изработката на ова видео дојдовме до аматерски измерени податоци дека вкупниот прилив на канализации и отпадни води од изворот во вруток до Скопје изнесува околу 900-1.000 литри во секунда, а протокот на Вардар во Скопје – кога се исклучени Мавровските централи и централите на Треска изнесува едвај 6 – 7.000литри во секунда што покажува дека скоро една 6-тина од водата на Вардар е канализација, додаваат од ЦАЦ.