Европа го реоткрива рударството, но ова не е ренесанса на старите рудници. Тоа е индустрија на висок инженеринг, висока транспарентност и јавен притисок. По долги децении во кои рударството во Европа беше гледано како индустрија во заминување, со низок рејтинг и постојано под јавниот притисок да го оправда своето постоење, рударството се врати како неопходно за реализација на европскиот план за зелена и дигитална економија.
Во 2024 година Европската унија го усвои Актот за критични суровини (CRMA) со кој ја редефинираше улогата на рударството како безбедносна инфраструктура за зелената и дигиталната економија. Целта е до 2030 година најмалку 10% од потребните суровини да се вадат во ЕУ, 40% да се преработуваат внатре, а 25% да се обезбедуваат преку рециклажа.
Причината е очигледна, европската индустрија за батерии, автомобили, енергија и технологија е целосно зависна од Кина и неколку трети држави. Војната во Украина и глобалните потреси на синџирите на снабдување покажаа колку е ризично да се нема домашни извори. Така рударството повторно станува дел од стратегиските приоритети.
За разлика од 20 век, денес во Европа секој проект за да се реализира мора да добие и јавна подршка. Архуската конвенција, која е меѓународен договор кој ЕУ и сите земји-членки го имаат ратификувано, им дава право на граѓаните и невладините организации на пристап до сите информации како што се податоци за животната средина и во случаи кога се работи за рударски проекти. Граѓаните имаат право да учествуваат во одобрување на проектот, односно постои обврска за секој проект да се обезбеди јавни расправи и консултации пред да се донесе одлука. Но, таа иста одлука може и да се оспори пред суд ако се прекршат правата или процедурите.
Ова значи дека невладиниот сектор и еколошките организации имаат формален механизам да стопираат или пролонгираат проект.
Целиот текст на Булевар – клик ОВДЕ.



