Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ја прекинат целата трговија со Шпанија, откако Мадрид не ѝ дозволи на американската војска да ги користи своите бази за мисии поврзани со нападите врз Иран.
„Шпанија беше ужасна. Му реков на Скот Бесант да ги прекине сите деловни односи со Шпанија. Не сакаме да имаме ништо со Шпанија“, изјави Трамп на заедничка прес-конференција со германскиот претседател Фридрих Мерц.
Претходно, шпанскиот весник El País објави дека премиерот Педро Санчез одлучил да не им дозволи на САД да ги користат американските воени бази во Шпанија за операции против Иран, и покрај можните политички последици.
Шпанската влада соопшти дека нема да придонесе на никаков начин во војната што ја предводат Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, оценувајќи дека станува збор за конфликт без меѓународна правна основа и без мандат од Обединети нации. Мадрид истакна дека се спротивставува на иранскиот режим, но отфрла воена интервенција без јасна цел и меѓународен легитимитет.
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Алварез, порача дека Европа треба да биде глас на рамнотежа и деескалација, а не поддржувач на еднострани воени дејствија. Министерката за одбрана Маргарита Роблес потврди дека по одлуката на Шпанија, Пентагон повлекол околу 10 авиони-танкери KC-135 од базите Морон и Рота.
Шпанија е меѓу ретките европски држави што отворено ја осудија акцијата на САД и Израел, додека дел од членките на ЕУ изразија резерви, но нагласија дека ги разбираат целите на нападот. Мадрид најави дека ќе продолжи да инсистира на деескалација и враќање на преговорите, предупредувајќи дека продолжениот конфликт може да има сериозни последици за Европа.





