СДСМ кризира веќе подолго време. Поранешниот скопски градоначалник и
висок функционер на СДСМ, Петре Шилегов, јавно призна дека партијата
„кадровски се испразнила” и најави дека поголема група членови наскоро
ќе побара оставка од актуелното раководство и на претседателот Венко
Филипче.
Тој на луѓето кои ја водат партијата им порача дека треба да се повлечат
и да им отстапат место на нови кадри. Според него, слабата и безлична
опозиција што ја нуди СДСМ ги тера дел од критички настроените граѓани
да ја бараат опозицијата на друго место, најчесто во Левица.
Незадоволството на старите кадри во СДСМ, по неколкуте тешки порази, не
е ново и веќе подолго време се слуша од повеќе страни. Во меѓувреме,
критики за насоката во која се движи партијата јавно изнесоа и поранешни
високи функционери, додека дел од поранешните носители на функции се
повлекоа од централните и локалните органи.




