Од идната среда општина Карпош стартува со реализацијата на проектот
„Фитнес и самоодбрана за жени и мажи“.
Во објава на Фејсбук, оттаму информираат дека овој проект е дел од
програмските активности од областа на еднаквите можности меѓу жените и
мажите за 2026 година, а реализатор на активноста е полицискиот боречки
клуб „Базбедност“ од Скопје.
„Тренинзите ќе ги води искусен тим од стручни кадри, а програмата е
осмислена на начин да им овозможи на учесниците не само физичка
кондиција, туку и практични знаења за лична безбедност и самоконтрола“,
посочија од Општината.
Во рамки на овој проект, покрај тренинзите во спортската сала,
предвидени се и активности на отворено: четири тренинзи на Кејот на
реката Вардар и во Градскиот парк, како и четири спортско-рекреативни
искачувања на планината Водно.





